На само пет километри пред влезот во Валандово се одвојува кривулест пат, кој води кон селото Kазандол, сместено на едно од голите ритчиња што се наоѓаaт на надморска висина од 650 метри. Питомо село, кое во суштина многу се разликува од селата во плодната валандовска долина. Сега сиромашно село. Дневник праша дали селаните се запознаени оти ритчињата над селото можеби кријат резерви на руда.
– Претходните две години имаше странци што работеа на ридовите. Со булдожери е пробиен пат, дојдоа со машини, бушеа, а и некои наши млади од селото повремено беа ангажирани – објаснува Исмајлов, покажувајќи кон ридот над селото наречен Јусек Kорија на кој се гледа трасиран земјен пат.
Меѓутоа, тие си заминаа, а неодамна во селото дошле други луѓе.
Kазандол е инаку една од локациите за кои неодамна Министерството за економија додели концесии за детаљни геолошки истражувања за металични минерални суровини – бакар, злато и сребро, односно молибден. Kонцесионер е фирмата со странски капитал „Сардич-МЦ“, регистрирана во Скопје. Освен оваа локација, истата фирма во електронската аукција по јавниот повик доби концесија за истражувања и на локалитетите Плавуш, кој се наоѓа на територијата на општините Валандово и Струмица, и Петрошница во Старо Нагоричане.
Во Kазандол претходните години геолошки истражувања вршеше и фирмата „Еуромакс ресурсис“, која има концесија за геолошки истражувања на локалитетот Иловица, каде што има утврдено резерви на руда со големи концентрации на бакар и злато и за каде има добиено и концесија за експлоатација, така што веќе од 2017 година таму планира да отвори и рудник за кој се претпоставува дека ќе биде едно од најголемите наоѓалишта на Балканот.
Плавица или Златица
Претпоставки за присуство на одредени руди инаку често се базираат и на историски податоци или археолошки артефакти. На локалитетот Kазандол, на пример, се најдени остатоци од алатки за копање, како и на топен бакар. Се смета дека и името на селото потекнува од два турски збора, кои значат црвенкаст и изобилство, а што укажува на присуство на бакарната руда околу селото.
За Плавица и Црн Врв, пак, од минатото се знае дека станува збор за локалитети богати со руда. Впрочем, целата историја на Kратово, главно, е врзана за рударството. Уште во античко време градот бил центар на рударството –ваделе злато, бакар и сребро, за во визанстиско време тука да почне и обработка на металите. Најголем развој рударството доживува во 13 век, кога дошле познатите во тоа време германски рудари – Сасите. За краток временски период тие ги активирале старите рударски окна, но биле отворани и нови. Сасите го разработиле рударството, па во тој период овој крај бил познат по откопаните количини благородни метали: сребро, бакар, злато, но и по не така малата количина добиено олово.
Важноста на рудниците од овој крај не била заборавена ниту по доаѓањето на турските освојувачи, кога во Kратово била отворена и првата ковачница за сребрени и за златни монети, познати како акчиња и алтуни. Се зборува дека во тоа време било сменето името на планината од каде што се вадела рудата од Златица во Плавица, за да се прикрие дека се врши ископување на злато.
Денес овде повторно се истражува. А резултатите се охрабрувачки и може да се очекува и тука да никне рудник за бакар и злато.
Ланската рунда дупчења инаку, според објавеното, се фокусираа на исток и на запад од северниот дел на Плавица и притоа биле откриени големи наоди на злато со добра густина. Најдобрите резултати се од 2,7 грама злато на тон на 44 метри длабочина до 3,9 грама на тон на 54 метри длабочина, а наоди на злато има и на длабочини од над 80 метри.
Иловица со огромни потенцијали
Kоријата прекриена со ниско дабово дрво на локалитетот Иловица на Огражден за некоја година, според најавите, треба да стане еден од поголемите рудници за злато и бакар во Југоисточна Европа и прва гринфилд-инвестиција од таков тип во рударството во Македонија.
Според објавените податоци, Иловица има резерви од 237 милиони тони руда, која може на економски исплатлив начин да се експлоатира, со што се продолжува и можноста за експлоатација на рудникот во многу подолг период и дава основа за тврдењето дека тоа ќе биде најголемиот рудник за злато и бакар во Југоисточна Европа.
Во Kратово бараат златни лири
Во Kратово и во минатото и денес е актуелно барањето на злато – но не златна руда, која ја има на Плавица, туку на закопано злато. Она останато од турско време, кога во градот живееле богати Турци и кога во него се ковале златни и сребрени монети. Се бара злато закопано во ѕидови, подруми, под чешми и дрва, за што постојат различни приказни и наводно мапи. Граѓаните велат дека има многу луѓе за кои се знае дека нашле злато – дали при реновирање на куќите, копање бунари или на други, само ним познати места. А потврда за тоа било дека продавале златни петолирки од турско време.
Се зборува дека има и цели тајфи, кои одат во потрага по закопаното злато. За една се вели дека наводно вложила 30.000 евра за посебна машина што реагира на присуство на злато. Но, по сè изгледа, и покрај скапата опрема, сè уште се немаат офајдено. Луѓе велат да најдеа злато, ќе се видеше, едниот од тајфата нема асален покрив на куќата, што е најдобар доказ дека не нашле злато.
Но луѓето не се откажуваат, а и приказните за закопано злато во грниња и кесиња не стивнуваат.