СВР Скопје извести во неделата дека е поднесена кривична пријава против 19-годишникот кој во средата вечерта заедно со својот татко учествувале во пресметка за прекината љубовна врска.
Како што првично беше објавено, причина за пресметката бидејќи М.Ш. ја раскинал љубовната врска со ќерката на Р.Р., односно сестрата на И.Р., кој сега е кривично пријавен за дело „насилство“ и истовремено му е одреден притвор.
Според сознанијата од истрагата, во средата, 15-ти јуни, по 21,30 часот на улицата „Аврам Писевски“, во скопски Чаир, на влезната врата од домот на оштетените, пријавениот И.Р. заѕвонил на ѕвончето, и откако вратата ја отворила сопругата, односно мајка на оштетениот, деветнаесетгодишникот го побарал нејзиниот син. Бараното момче се појавило на влезната врата заедно со татко му, при што го виделе првопријавениот кој во рацете имал дрвена палка и нож и второпријавениот, 54-годишниот Р.Р., кој во раката имал чекан. Откако момчето им се обратил со зборовите „вие ли женско ќе тепате“, тој заедно со Р.Р. физички ги нападнале оштетените.
И.Р. со нож му нанел неколку рани на таткото во пределот на градниот кош и абдоменот по што овој бил повлечен кон внатре од страна на неговиот син. А откако оштетените ја заклучиле вратата, од страна на И.Р. и Р.Р. биле искршени и парчиња стакло од влезната врата.
Пријавените напаѓачи уште во средата ноќта по извршување на кривичното дело, од страна на полициски службеници од полициската станица „Бит Пазар“, биле најдени на местото на инцидентот и приведени.
Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал, биле извршени проверки во Ургентен центар при Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје во врска со видот и карактерот на повредите, при што усно им било појаснето дека оштетениот, несудениот сват, се здобил со тешки телесни повреди – три убодни рани во пределот на градниот кош од левата страна, три убодни рани во пределот на абдоменот од левата страна, и дека неговиот живот е загрозен така што е задржан на КАРИ.
Неговиот син, пак, минал со телесни повреди во вид на гребаници и расекотини во пределот на глуждот од левата нога.
До СВР Скопје, исто така, информираат дека во врска со овој насилен настан бил известен дежурен Јавен обвинител, кој не излезе на лице место, а увидот го препуштил на увидна екипа од ЕУМНА при СВР Скопје.