Денеска очите на цел свет се вперени во Шпанија, бидејќи во нејзината покраина Каталонија се одржува референдум за независност, со бројни инциденти и судири на граѓаните и полицијата.
На избирачкото место во колеџот Џауме Балмес во Барселона во судир со полицијата се повредени неколку лица, пишува Ел Паис. Полицијата ширум Каталонија насилно упаднувала на избирачки места и запленила гласачки ливчиња и кутии.
Националната полиција успеа да затвори околу 15 избирачки места и да заплени материјал за гласање. Тоа се случува во момент кога почна гласањето на референдумот.
Шпанската полиција почна со запленување гласачки кутии и изборни ливчиња за референдумот за независност на Каталонија, соопшти Министерството за внатрешни работи на Шпанија.
Демонстранти низ улиците на тој каталонски град извикуваат „ние сме луѓе на мирот“ и „не се плашиме“. На голем број места во градот се забележливи амбулантни возила.