СВР Скопје поднесе кривична пријава против неколку лица кои учествуваа во тепачката на Матка на 15 април во која беше убиено едно 17-годишно момче.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека кривичната пријава е поднесена против 18-годишниот А.Е. поради основано сомнение дека извршил кривично дело „убиство“, како и против 18-годишниот Џ.С. и еден 16-годишник од село Шишево, 16-годишник од село Сарај, 13-годишник од Скопје, 14-годишник од село Грчец и 13-годишник од село Сарај поради основано сомнение дека дека извршиле кривично дело „учество во тепачка“.
На 15 април околу 15 часот пред браната – Долна Матка настанала вербална расправија меѓу А.Е., Џ.С. и 16-годишникот од село Шишево од една страна и останатите пријавени од друга страна. По кусо време расправијата прераснала во тепачка во која А.Е. со нож му нанел убод во градите на 17-годишникот од село Сарај, кој починал на самото место, додека на неговиот брат со нож му нанел површинска расекотина во градите.
Од страна на судија на претходна постапка, на А.Е. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на другите пријавени им е изречена мерка претпазливост.