Бенџамин и Хоуп Џордан ја ангажирале 22-годишната Алексис Кан како бебиситерка минатата година. Но, 5 месеци подоцна нивното куче започнало да станува агресивно кон неа и тогаш за првпат се посомневале во нејзината способност да се грижи за 7 месечното бебе.
„По пет месеци откако ја ангажиравме како бебиситерка, започнавме да забележуваме дека нашето куче станува заштитнички настроено кон нашиот син кога таа ќе влезеше низ вратата. Тој беше многу агресивен кон неа и неколку пати моравме физички да го задржиме за да не ја нападне“ – изјавил Бенџамин.
Родителите на Фин започнале да се сомневаат во Алексис и поставиле iPhone под каучот за да снимаат што се случува во нивниот дом додека се на работа. Кога се вратиле дома, ја преслушале снимката и останале запрепастени.
„Сè започна со пцовки. Потоа се слушнаа звуци од шлаканица и неговото плачење од вознемиреност премина во плачење од болка“ – изјавил таткото.
Неколку недели подоцна Алексис била уапсена и признала дека физички посегнала по малото бебе, па била осудена на 1 до 3 години затвор.
Нејзиното име ќе влезе и во регистар за лица кои малтретирале деца и никогаш повеќе нема да ѝ биде дозволено да работи со деца.