Општина Новаци во мариовското село Старавина почна реконструкција на куќата во која живеела легендарната Калеш Анѓа, опеана во народната песна и овековечена во книгата на Стале Попов.
Градоначалникот на Новаци Лазар Котевски, изјави дека градежните зафати се во рамки на проектот „Жива историја, жива природа“, кој финансиски е поддржан од фондовите на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција, односно меѓу Новаци и општината Аридеа.
– Куќата во која живеела македонската хероина Калеш Анѓа е ѕидана од камен и од бела земја, автентична градба за овој крај, но во моментот е запуштена и обрасната со плевел.
Објектот има предпростор и простории кои некогаш биле наменети за сместување на семејството и нивните гости, а во сутеренскиот дел била чувана стоката.
По завршувањето на реконструкцијата, оваа куќа ќе биде адаптирана во етномузеј кој ќе им биде достапен на сите посетители, посочи Котевски.
Во рамки на проектот „Жива историја, жива природа“, посветен на заштитата на културно-историското наследство, ќе биде реконструиран и мостот и воденицата во село Зовиќ, како и црквата „Св.Димитрија“ во село Градешница.