Само три месеци откако се вселиле во новите станови во Нов Белград повеќе од 100 семејства во две згради се принудени да ги напуштат, објавува Ал Џезира Балканс.
Токсиколошките анализи потврдиле присуство на фенол во организмите на станарите кој потекнува од ѕидовите. Оваа штетна материја има канцерогени својства, а становите ги градела државна компанија.
Станарите од овие згради се жалат дека неколку недели по вселувањето почнале да чувствуваат непријатни мириси.
Имале и главоболки и вртоглавици. Откако направиле анализа на урината, им биле пронајдени високи вредности на штетни материи.
-Многу сме бесни, многу сме огорчени на сите, јас и психички лошо се чувствувам затоа што не вртат во круг, а трае веќе два месеци. Од почетокот на нашиот контакт со градежната дирекција многу малку е сторено. Моравме да најмиме друг стан, а плаќаме кредит за тој што го купивме, плус кирија за другиот стан, двојни комунални трошоци. Тоа ние со нашата плата не можеме да го поднесеме – вели еден од станарите за телевизијата.
Според направените анализи, градежниот материјал оптанол кој е користен во внатрешната градба на ѕидовите е причина за проблемот што го имаат станарите. Станува збор главно за млади брачни двојки со мали деца, кои се загрижени за здравјето на семејството.
Градежната дирекција до инспекциите поднела пријави против изведувачот на становите, а поднела и кривична пријава до српското МВР за да се расветлат околностите околу употребата на канцероген материјал во домовите поради што јавното претпријатие трпи голема штета. Оттаму најавуваат дека на сите оштетени станари ќе им бидат надоместени трошоците и ќе добијат отштета.