На Косово треба да му се даде правото да се приклучи кон Албанија, изјави во интервју за европското издание на сајтот „Политико“ основачот на косовското радикално опозициско движење „Самоопределување“, Албин Курти, пренесе Танјуг.
Курти, кого „Политико“ го опишува како „трн во око“ на косовските власти, жесток критичар на српските власти и пратеник кој не се колеба да фрли солзавец врз своите противници во Парламентот, изјавува дека сега косовскиот Устав не дозволува приклучување кон „некоја друга држава“.
– Би сакале тоа да го направиме на мирен и демократски начин за разлика од нашето отцепување (од Србија), кое големите сили го направија на насилен начин, рече Курти.
Тој Србија ја оцени како „мала империјалистичка сила на Балканот, која постојано се обидува да го раздели Косово на два дела (српски и албански), додавајќи дека Белград ја имитира една од големите империјалистички сили – Русија.
Коментирајќи ја спогодбата за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, потпишана од двете земји, Курти кажа дека тоа е резултат на „корупцијата“ и „покорноста“ на владата.
-Тие се премногу корумпирани за да бидат слободни како политичари и чесни кон својот народ. Тие и се послушни и покорни на меѓународната заедница, која ја толерира нивната корупција затоа што очигледно има некакви повисоки цели, како стабилноста, рече Курти.