Лабораторија во Атина, а не на Родос ќе ја прави анализата и споредбата на ДНК примерокот од родителите на Дениса, со оној од пронајдениот женски труп во Егејското море – објаснуваат за Канал 5 од институтот за судска медицина на грчкиот остров Родос, каде што беше пренесен трупот и направена обдукцијата.
Примероците од ДНК преку македонскиот Интерпол беа испратени до грчкиот Интерпол, меѓутоа поради видот на организацијата, не успеавме да добиеме информации дали примероците пристигнале во Атина.
Според експертите, процесот на споредба на примероците најчесто трае 2-3 дена а веднаш потоа ќе се знаат и резултатите односно ќе има официјална потврда или демант дека безживотното тело пронајдено во саботата е всушност исчезнатата Дениса Маркоска.
Како што вчера објави Канал 5, патологот Панајотис Котрецос кој ја правеше обдукцијата, ни рече дека поради лошата состојба во која било телото не може да се утврди точната причина и времето кога настапила смртта, меѓутоа немало траги на насилство и веројатно станува збор за давење.
Канал5