Македонските граѓани во текот на летните месеци ќе можат да одат на шопинг во Солун со воз. Според пишувањата на грчкиот весник Имерисиа, на двете релации секојдневно ќе сообраќа по еден пар возови, по пониски цени во однос на автобускиот превоз. Возот од Скопје за Солун ќе поаѓа во периодот околу 5 часот наутро, додека назад во попладневните часови ќе тргнува во периодот по 16 часот и ќе пристигнува во Скопје околу 20 часот. Овој воз ќе продолжува кон Белград и во српската метропола би бил во раните утрински часови, а оттаму според возниот ред би тргнувал во 18 часот и 45 минути.
Цената на повратен билет на релацијата помеѓу Солун и Скопје ќе изнесува 19,6 евра, а во периодот од 10 мај до 10 јуни на патниците ќе им се понуди попуст од 30% во споредба со редовната цена на возните карти. Овој воз ќе биде составен од патнички вагони на Грчката железница, но и од спални вагони на државната железница на Србија.
Во летниот период ќе сообраќаат вагони за превоз на автомобили помеѓу Белград и Солун, а постои интерес и за повторно воведување на директни вагони помеѓу Солун и главните градови на Чешка, Словачка и Русија.
Покрај во текот на претстојните месеци, овој меѓународен воз е планирано да сообраќа и во текот на целата наредна година. Од 10 мај ќе започне да сообраќа и дневниот воз помеѓу Софија и Солун, кој најверојатно ќе има и директен вагон за Атина.
Грчките железници еднострано ги укинаа сите меѓународни возови на почетокот од 2011 година, во екот на големата криза што ја зафати оваа земја. Од јужниот сосед сега доаѓаат најави дека преструктуирањето на државната компанија овозможило повторно враќање во сообраќај на некогаш популарните возови помеѓу Скопје и Солун.