Лиле Најдова, лице со посебни потреби од Градско, денеска роди здраво женско бебе, тешко 3 килограми и 150 грама и долго 51 сантиметар. Таа се породи со царски рез. Кога денеска напладне новинарите ја посетија зрачеше од среќа и особено беше горда кога медицинските сестри и ја донесоа нејзината штотуку родена ќерка, пишува Дума.мк.
– Таа е моето прво бебе и многу, многу сум среќна, рече Лиле.
И без здравствени картони Лиле е породена на акушерското одделение во велешката болница. Неа во исто време и се остварија две желби. Првата да се породи со царски рез и да роди ќерка. Царскиот рез, како што вети пред две недели, го изведе директорот на болницата д-р Атанас Василев.
– Породувањето или операцијата ја изведовме без проблеми. Новороденчето и мајката се добри. Во болницата ќе останат четири дена на пост оперативен третман. Она што е најважно е што работата ја завршивме. Ја разбирам грижата на семејството и на Лиле но ние никогаш не сме вратиле родилка, секогаш породувањето за било која жена го извршуваме а потоа се договараат работите околу плаќањето воколку родилката нема здравствено осигурување. И на ова новороденче му посакуваме да расне здраво, живо и среќно а на мајката што поскоро да закрепне и да се грижи за своето чедо, рече д-р Василев.
Најдови пред две недели беа под стрес како ќе се справат со породувањето бидејќи Лиле нема здравствени картони. Се грижеа како ќе платат, бидејќи Лиле не зема плата а и сопругот не и работи.
Таа во април годинава останала без работа во кавадаречка фирма за инвалиди на трудот но, газдата не и дал отказно решение. Тогаш тој и рекол да не оди на работа откако Лиле му кажала дека е бремена. Безуспешна била и интервенцијата на трудовата инспекција.
реагираше министерството за труд и социјала. На Лиле и ветија помош а на газдата рекоа дека му пратиле инспектори во контрола. мајката на Лиле, рече дека денешниот ден им го посветила на својата ќерка и штотуку родената внука а веќе од утре ќе провери дали стигнале парите од државата.
– Многу ни е потребна финансиската помош. Неа ја оставив за крај бидејќи најважно ми беше детето безбедно да ми се породи и да добијам внуче. Сега тие две желби ми се исполнија. Им благодарам на д-р Василев и медицинскиот персонал на акушерското одделение. Благодарност до сите што помогнаа. Ќе проверам дали стигнала и помошта од министерството и утре ќе купам што можам за мојата внука. Денеска сум премногу возбудена за да можам да пазарам. Ова ми е прво внуче, прва голема радост во семејството. За жал него не дочека да го види мојот сопруг. Но ние ќе му се радуваме, сите заедно, Лиле, зетот, син ми, јас , сватовите. Сега верувам дека ќе најдеме решение за сите проблеми колку да се тие големи, рече мајката на Лиле, Живка Најдова.
Сега Најдови очекуваат и газдата на фирмата во која работи Лиле да и ги исплати заостанатите плати и да ја прати на трудничко боледување.
Duma.mk