22 годишната Худа ал Ниран од Саудиска Арабија , пркосејќи им на правилата на двете конзервативни држави, го повика јеменскиот суд да и дозволи да остане во во Јемен и да се омажи за човекот што го сака.
Во приказната која што медиумите ја споредуваат со Шекспировата драма „Ромео и Јулија“, Ниран му се спротивстави на своето семејство и нелегално ја премина границата за да биде со својот љубовник, дваесет и петгодишниот Арафат Мохамед Тахар.
Во исто време нејзините истомисленици во знак на поддршка на овој пар, протестираа пред зградата на судот во Сана, носејќи транспаренти со натписи„Сите ние сме Худа“.
Оваа храбра девојка ја одби понудата на судот да ја застапува адвокат од Саудиска Арабија, поради страв дека тој ќе ја присили да се врати дома, пренесе „Франс прес“.
Наместо тоа Худа се согласи да ја застапува адвокат кого што го именува јеменската невладина организација „Худ“.
Адвокатот Абдел Ракиб ал Кади рече дека се работи за хуманитарен случај и дека не смее да предизвика раст на тензиите помеѓу двете држави, додавајќи дека властите на Саудиска Арабија вршат притисок на судот во Сана, девојката да ја врати дома.
Следното рочиште е закажано за 1-ви декември, кога Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) треба да одлучи дали на Худа ќе и дозволи азил во Јемен.
Овој случај, го привлече вниманието и на организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“, која што ги предупреди властите во Јемен, дека на девојката животот би и бил загрозен доколку биде вратена во семејството.