Владата на Луксембург објави дека има намера да копа руда на астероидите во вселената. Kако што се наведува, во потрага за благородни метали како злато, платина и волфрам, на ред се правните рамки за експлоатација на ресурси надвор од Земјината атмосфера, а се повикуваат и потенцијалните инвеститори.
Поранешниот генерален директор на Европската вселенска агенција Жан Жак Дорден ќе им биде советник. Според неговите зборови рударството во вселената не е повеќе научна фантастика.
Тој ги повика Европските компании да го следат примерот на американските стартап компании кои веќе почнаа да размислуваат за тоа како може да ги искористат скапите метали и ретките елементи.
-Работите веќе почнаа во САД и крајно време е иницијативата да заживее и во Европа и мило ми е што Луксембург го направи првиот чекор, изјави Дорден.
Две американски компании почнаа со основање на тимови за дизајнирање на летала кои ќе можат да истражуваат потенцијални рудници во вселената.
Иако земјата е мала, Луксембург има истакната положба во активностите во вселената, исто така и добро организирана сателитска индустрија.
-Наша цел е да отвориме пристап до богатството на досега неистражените рудни сировини на безживотните камења кои се наоѓаат во вселената, без нарушување на природните позиции, порача министерот за економија на Луксембург, Етјен Шнајдер.
Шнајдер потенцира дека националната и инвестициска банка може да им даде кредити на овие компании.