Мајката на Јошевска: Ништо не може да ја врати мојата ќерка, ама од божјата правда никој не избегал


По 22 години од убиството на нивната ќерка и сестра, мајката и сестрата на убиената Мери Јошеска повторно се соочија со обвинетиот за убиството, Миле Хаџиски, кој се товари дека во 1993 година на грозоморен начин ја убил Мери во нејзиниот дом. И двете му порачаа дека ќе го стигне Божјата правда.

Мајката на Мери, Јелица Јошеска, остана на исказот кој го дала  на судењето во 1993 година, но за неа ова е нов стрес бидејќи не очекувала да има ново судење за Хаџиски, туку очекувала дека ќе ја одлежи затворската казна на којашто бил осуден.meri mile hadjiski

„Такво грозоморно убиство дотогаш немало во Македонија, па и во другите земји, за разлика од денес кога секојдневно се случуваат вакви злосторства. И десет адвокати да го бранат, од Божјата рака никој не може да избега. Тоа ме одржува во живот, дека од Божјата правда нема да избега. Во ништо не верувам, сé е корумпирано, сé е за повеќе пари, но следејќи го животот, од Божјата правда никој не избегал“, рече мајката Јелица.

„Ако имал барем ронка чувства и домашно воспитување, откако го извршил злосторството, да викне брза помош можеби ќе се спасела. Но крвникот продолжил да краде, се накитил и седнал во кафуле да прослави“ рече Јелица.

Таа се откажа од секакво оштетно побарување, бидејќи, како што рече, ништо не може да ја врати нејзината ќерка.

И сестрата на Јошеска остана на исказот којшто го дала на судењето во 1993 година. „И по 22 години болката што ни ја нанесе оваа гнида останува иста. Болката што ни е нанесена нема цена, празнината во душата е иста како во 1993 година откако почина мојата сестра и таа празнина никој не може да ни ја надомести. Без око да му трепне си формирал семејство, се прашувам дали има чувства за своите деца, како ќе му биде ако, не дај Боже, загуби некое од нив“, праша сестрата на Мери.

Обвинетиот Хаџиски додека ги слушале сведочењата на мајката и сестрата на Мери молчеше и неколкупати се прекрсти.

И покрај неговото тврдење дека ништо не се сеќава на чинот на убиството, Хаџиски во својот исказ кажа детали за настанот, како тоа дека со сигурност не ја удрил Јошеска со пепелник по главата и дека по убиството се сеќава дека се нашол дома и дека на своите алишта имал крв.

Тој во судницата раскажа низ „што сè поминал“ изминативе 22 години, додека бегал од правдата во Македонија и рече: „Јас сум најголемиот грешник што влегол во оваа судница, го молам Господ да ми ги прости гревовите. Јас долго време бев убеден дека можеби сум го направил тоа, а сега сè повеќе гледам дека имало друга заднина“.

Според обвинението, Хаџиски ја удрил Јошеска со пепелник во главата и вратот и со кујнски нож ѝ нанел 40 убоди во пределот на црниот дроб и градите. Потоа украл златен накит и избегал.

Откако избега од земјава, се приклучил во Легија на странците во Франција, каде служел 15 години, под друго име Зоран Томовиќ.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1