Мајсторите и чистачките не мора да се регистрираат за дејност


Мајсторите што сте ги викнале за молерисување, поправка на уреди за домаќинството, како и чистачките што чистат по станови и куќи, не мора да регистрираат дејност за да можат да ви помогнат дома. Тие се изземени, појасни денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, образложувајќи го предлогот на Законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност во јавната расправа што се водеше во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).radijator cistenje

Исто така, појасни Спасов, нема да се регистрира дејност за работа за сопствени потреби, потоа за продажба на лични користени предмети, како и работата која се врши без финансиски надоместок или друга материјална корист и ангажирањето на саеми и панаѓури. Законот не бара ниту регистрирање на пазарџиите.

– Оваа категорија услуги за домаќинствата, иако најраспространета и има силно влијание на конкуренцијата на регистрираните занаетчии, засега нема да се санкционира, оти не се создадени услови за тоа, бидејќи би имало големи реакции од граѓаните, но по две или три години, верувам дека ќе може да се бара нивно регистрирање – појасни министерот за труд и социјална политика.

Со законот сега, како што објасни Спасов, се опфатени деловните субјекти и физичките лица кои остваруваат поголем обем на работа и приходи.Законот се носи да ја намали сивата економија која опфаќа 22,5 отсто од економијата во која има 152.000 неформално вработени лица, а да гопоттикне намалувањето на даночната евазија.

– Законот забранува нерегистрирано физичко или правно лице да гради згради и да продава станови, да дава угостителски услуги, на пример да продава стоки во маркети или да препродава автомобили…што значи вршење дејност од која се заработуваат поголеми суми на пари без да се плаќаат даноци, а на вработените освен платите да не им се плаќаат никакви придонеси. Само од секторот градежништво, во кој работат голем број нерегистрирани физички лица, државата лани загубила 20 милиони евра неплатен данок.

За справување со оние кои нема да го почитуваат законот, се предвидени големи казни. За нерегистрирање на дејност на фирма ќе се изречува казна од 10.000 до 20.000 евра , а на физичките лица од 3.000 до 10.000 евра. Работодавачот кој е соучесник во прекршувањето на законот ќе добие казна од 2.000 до 3.000 евра.

Во денешната расправа учествуваа главно претставници на работодавачите, синдикатите, бизнис и занаетчкиските комори, па се слушна главно мислењето на легалните, односно регистрираните фирми и занаетчии. Оние на кои се однесува законот немаа прилика да дадат мислење за предложениот текст.

Главни забелешки на текстот на законот се однесуваа на различниот третман на правните и физичките лиза при казнувањето, потоа утврдувањето на тоа што е соседска помош ,како и третманот на работниците кои ќе бидат отпуштени ако нелегалните фирми се затворат.

Раде Ненадиќ од агенцијата за вработување „Партнер“ побара утврдување на конкретни критериуми за големината на градбата на која ќе можат да се ангажираат мајстори од домаќинствата, утврдување на оддалеченоста при „соседската помош“ и еднакви казни за правните и физичките лица.

Снежана Денковска од Занаетчиската комора предложи востановување на посебни легитимации со кои ќе се потврдува дека занаетчиите се регистрирани, а Сојузот на синдикатите очекува законот да обезбеди сигурност на работниците кога нерегистрираните фирми ќе се затвораат.

Министерството за труд и социјална политика, кое го подготвува Законот за спречување и забрана на нерегистрирана дејност наредните 10 дена очекува писмени реакции по текстот на законот, а ќе организира и поголем број расправи за подобрување на текстот..

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1