Kако во акционен филм во живо, американскиот детектив со прилепско потекло, Тони Петрески, секојдневно трага по наркобосови во Њујорк и во Њу Џерси во САД. Овој 40-годишниот Американец, од родителите Јонче од селото Алинци и Ангелина од Ивањевци кај Прилеп, го става животот на коцка во битка со американското подземје, пишува Дневник.
Сопругот на прилепчанката Наташа вели дека имал опасни мисии кога му висел животот на конец. Ги надминал тешкотиите и успеал да го зачува мотото на колегите, „со колку дупки ќе ја почнеш полициската кариера, со толку да се пензионираш“ поради стручноста и искуството од 16-те години во американската полиција.
Таткото на две малолетни деца секоја година го користи неколкунеделниот одмор во родната грутка на родителите. И брачната сопатничка ја нашол во градот под Марковите кули.
Демнат ризици
Полициската работа е опасна преку океанот во споредба со Македонија. Сепак, ризичниот амбиент не влијае на истрагите, кои му станале рутина. Тој оценува дека мали се шансите за несреќи, иако демнат опасности со милионите луѓе на тесен простор со многу криминал.
– Завршив полициски науки, па магистрирав криминологија. Посетував една година полициска академија. Првин бев во секторот за малтретирани деца. Искуствата беа страшни. Дури и денес имам кошмари. Во Бронкс видов бебе од три месеци на кое мајка му му го пукнала черепот оти плачело. Имав случај на дете од шест години со гонореја. Потоа ме распоредија во трговијата со украдени автомобили – кажува Петрески за дебито во полицијата.
Со македонската крв во жилите, храбриот инспектор бил и дел од специјалната агенција за борба со наркокриминалот – ДЕА. За младите Македонци во Њу Џерси вели дека ретко посегаат по пороците на современиот свет макар што тешко одолеваат на предизвиците оти не е лесно да се остане имун и да не се проба од забранетото овошје.
– Најопасна акција имав со специјалците, кои фаќаа наркобос. Ние инспекторите набљудувавме и во тие моменти водачот на криминалците успеа да побегне и тргна кон мене вооружен. Успеав да го соборам со оружје во раката и без да истрелам куршум од револверот му ги ставив лисиците. Kрупна мисија беше и запленувањето пет милиони долари валкани пари за перење и други драгоцености, донесени од колумбиската мафија во САД. Учествував и во акции во Флорида и на Порторико. Не е лесно, но сме ефикасни со постојаните вежби и надградувања. Најбитни се довербата и соработката со колегите – вели нашиот инспектор во САД.
Според него, во Њу Џерси е опасен хероинот. Младите почнуваат со силни лекови против болка, кои се даваат на рецепти во аптеките, а содржат наркотични соединенија. Kога ги снемува скапите апчиња, веќе стекнуваат зависност и наркоманите заминуваат во гето каде што на секој агол има дилери на хероин. Синтетичките дроги се многу страшни.
Полициската процедура е како во Македонија. Се собираат докази, се следат осомничени, се претресуваат домови и на крајот се апси осомничениот за да се донесе пред судија. При крајот се вклучуваат и обвинителите.
Пензија во Македонија
Тони планира да ја користи пензијата во Македонија по четири години. Би сакал да ~ пренесе дел од искуството на македонската полиција, и тоа без надомест, туку за демонстрација на љубовта кон татковината и за подобро утре на својата земја. Македонецот од САД се нервира од луѓето што ја критикуваат родната земја.
– Македонија е млада држава, која полека напредува секоја година. Потребна е трпеливост. Не треба многу државата да стане силна и стабилна. И Прилеп го менува ликот на поарно. Секое доаѓање забележувам разубавување. Градот личи на европски. Уживам да шетам со децата низ чаршијата. Не летувам во Грција, туку ја откривам Македонија посетувајќи го богатото историско наследство во Битола, Охрид, Скопје, Стоби… Мерак ми се манастирите, црквите, градени пред многу векови. Македонија има здрава душа со цврсти и амбициозни млади – ги пренесува впечатоците од градот инспекторот од САД, Тони Петрески, кој ја сака Америка, а дише македонски.
Kонтактира со нашите во САД преку црквите и ги одржува адетите, како што ги правела мајка му.
Родени во САД со срце македонско
Иако и тој и децата му се родени во САД, Петрески во срцето ја носи Македонија.
– Kолегите ме прашуваат кога би имало војна меѓу Македонија и САД, од која страна ќе бидам? Им велам дека ќе бидам неутрален. Тоа за Американците е недоволно. Треба комплетно да си предаден на САД. Друго ништо. Не можам да речам, само Америка, дека сум роден во Америка и дека децата се родени во САД. Срцето ми е македонско – вели Петрески.
Љупчо Мургоски за Дневник