Македонската фудбалска репрезенатција вечерва напиша историја. Со победата во Тбилиси над селекцијата на Грузија, Македонија за прв пат ќе игра на Европско првенство.
Со голот на капитенот Горан Пандев во 56 минута, фудбалската репрезентација на Северна Македонија вечерва ја совлада Грузија со 1:0 и за првпат во историјата обезбеди пласман на Европско првенство.
37-годишниот ветеран во нашиот национален дрес конечно дочека да се израдува на овој голем успех. Како вистински лидер на соиграчите одново покажа дека се работи за играч од светска класа.
Реакцијата на Пандев по мечот доволно кажува колку му значи оваа победа. Голгетерот се фрли на земја и започна да плаче од радост, што можеби е момент кој е честа појава насекаде во нашата земја.
Во Македонија веќе се слави, а ниту регионот не останува имун на македонската фудбалска приказна, па така највлијателните медиуми на Балканот и на просторите на поранешна Југославија го слават нашиот пласман на ЕП.
„Пандев Велики: Македонците на ЕУРО по прв пат во историјата“, „Пандев погоди за историја“, „Таму каде што сонцето сјаје, на ЕП е Македонија“, „Браво Македонци, Пандев покажа дека е класа“, „Историски успех за Македонците, Пандев ги одведе на ЕУРО“, се дел од насловите кои ги пласираат регионалните медиуми.