Поранешните хотели „Бристол“ и „Јадран“ (Арапска куќа) се најдоа на список за продажба за кој ќе одлучуваат акционерите на „Македонија турист“ на собранието закажано за 22 мај годинава, покажуваат материјалите објавени на Македонската берза.
Покрај овие два хотели, на предлог-листата за продажба се и познатата „Пивница“ на плоштадот, спроти хотелот „Мериот“, и трикатница карши поранешен ЗОИЛ, исто така во центарот на Скопје.
„Македонија турист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест-вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, кои, за разлика од овие што се продаваат, се активни и работат.
Уникатната Арапска куќа е изградена меѓу 1936 и 1938 година, во стилот на арапско-маварска архитектура и таа меѓу шеесеттите и деведесеттите години на минатиот век функционираше како хотел под името „Јадран“. Објектот е под генерална заштита, а во тек е процедурата да стане и зграда споменик на културата.









