Македонија да и ја врати Струмица на Бугарија, од која била отсечена пред 94 години со Нејскиот мировен договор, ако земјава ја сака бугарската поддршка за влез во ЕУ, е условот кој вчера во Парламентот го постави националистичката партија “Атака”.
Во декларацијата поднесена до Народното собрание се наведува дека во 1919 година е потпишан “еден понижувачки договор за земјата” – Нејскиот договор, според кој многу Бугари остануваат надвор од земјата, пренесуваат медиумите во Софија. Бугарските националисти бараат териториите во Србија и во Македонија населени со Бугари да бидат вратени во бугарска сопственост, бидејќи, велат, Нејскиот договор е неважечки, затоа што повеќе не постои земјата со која бил потпишан – Кралството СХС.
“Србија и ПЈР Македонија не можат да се сметаат за наследници на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Србија не беше призната за наследник на Југославија од ОН и од меѓународната заедница, а Македонија дури не е призната под уставното име. Затоа Нејскиот договор нема одговорност спрема Србија и Македонија и е невалиден во однос на Западните Покраини и Струмица, поради исчезнувањето на државата со која е склучен”, се вели во декларацијата.
Пратеникот од “Атака”, Адријан Асенов порачува дека “прашањето треба да биде решено пред Србија да стане членка на ЕУ и Македонија да ги отпочне преговорите”.
Со Нејскиот мировен договор кој бил потпишан на 27 ноември 1919 година во Нејл-сир-Сен во близина на Париз, помеѓу земјите-победнички и Бугарија како претставник на поразените, а стапил на сила на 9 август следната година, на Бугарија и беа одземени териториите кои ги окупира во Првата светска војна и некои од териториите кои ги имаше добиено со Букурешкиот мировен договор.
Вечер