Македонија ги започна преговорите за членство во НАТО, прием очекува во 2020 година


Македонија ги стартува пристапните преговори за полноправно членство во НАТО. Од денеска тимови на Алијансата ќе работат со сите државни институции надлежни за имплементација на одлуката која пред две недели беше донесена на Самитот во Брисел. Ако се задржи времената рамка, Македонија ќе стане членка на НАТО најрано до почетокот на 2020-та.

Ова ќе биде еден долг процес во кој ќе имаме низа разговори кои што ќе се водат со министерствата, со Владата за вашата земја да стане 30 земја членка на НАТО. Ова подразбира дека треба да се дефинираат политички, финансиски но и аспекти поврзани со самата безбедност и низа на правни договори кои треба да се потпишат. Ќе зборуваме и за низата на реформи кои веќе се случуваат во државата и оние реформи на кои ќе треба да работи Владата како дел од процесот за пристапување кон НАТО – рече Мекеј.

Имплементацијата на договорот за името и натаму останува главната домашна задача на земјава, вели националниот координатор Пендаровски. И покрај тоа уверува дека Македонија ќе биде 30-та земја-членка на Алијансата.

Се разбира нема да разговараат за политичкото прашање кое е наша домашна задача, пред се зборувам за Договорот од Преспа, туку за се друго што е типично за пристапните преговори со која било земја-кандидатка. Тоа значи од воено-техничките прашања па се до правните и финансиските импликации од нашето идно полноправно членство во алијансата. Македонија ќе докаже дека е најподтовената земја-кандидат, вели Пендаровски.

Дека Македонија ќе направи се за да спроведе брз и ефикасен пристапен процес посочил и премиерот Заев на средбата со Мекеј.

Целиот овој процес после добивањето на поканата е мотивација за институциите, за сите во јавната администрација и за граѓаните на земјата, за придонес во оваа фаза која не води поблиску до гарантираната безбедност и сигурност во друштвото на земјите членки и сојузници во НАТО, што отвора и перспективи за дополнителен економски развој на нашата земја, стои во владиното соопштение.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1