Македонија ќе произведува муниција и лично наоружување за НАТО


Во Македонија почнува изградбата на најсовремена фабрика за оружје, муниција и опрема. Американската Броудстоун Дифенс денеска и официјално го означи почетокот на инвестицијата вредна пет милиони долари во месноста Барбарос, кај Македонски Брод, каде на 10 хектари е предвидено да има пет хали за производство, една административна зграда и дел за складирање.municija-640x294

Реализацијата на проектот треба да заврши до крајот на мај идната година кога ќе стартува и тест-производството, а редовното производство се очекува од јули 2017. Вработени ќе бидат повеќе од 200 лица.

Како што рече министерот за одбрана Зоран Јолевски, Броудстоун Дифенс ќе трансферира најсовремена технологија во Македонски Брод од каде американската војска и земјите членки на НАТО ќе снабдуваат муниција и лично наоружување.

– Оваа инвестиција има повеќе значење. Покрај отворањето нови работни места, Македонија ќе добие и најсовремен производствен погон за муниција и лично наоружување според стандардите на НАТО. Но, ова е воедно и многу значаен чекор напред во зајакнување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија, истакна Јолевски.

Според него, еден од проектите за модернизација на АРМ е конверзија на личното наоружување на припадниците на Армијата со она на НАТО членките.

– Овој проект ќе го финансираат САД и со него практично ќе имаме производител на територијата на Македонија за муниција која во иднина ќе ја користи АРМ. Броудстоун Дифенс веќе има и договори за извоз во следните неколку години, но АРМ ќе добие приоритет ако се покаже дека за тоа има потреба, подвлече Јолевски.

Броудстоун Дифенс разгледувала повеќе локации за фабриката, но, како што истакна основачот Денис Прат, ја одбрала Македонија поради одличната геостратешка положба и поволната бизнис клима.

-Броудстоун Дифенс ќе вработи 200 луѓе во следните неколку години. Вработувањата ќе почнат од април 2017 кога ќе ангажираме локални мајстори, поранешен воен персонал, лица со искуство во огненото оружје и муниција, како и административци, истакна Прат.

По 30 години ова е прва нова инвестиција во Македонски Брод и околината која, како што рече градоначалникот Милосим Војнески, ќе значи многу за економски локален развој и особено за враќање на младите и нивно вработување во родниот кај.

Пред присутните зборуваше и заменик-директорот на Агенцијата за странски инвестиции Ивана Николиќ која потенцира дека привлекувањето странски компании е сложен, комплексен процес. Конкретно преговорите со Броудстоун Дифенс, информира Николиќ, почнаа пред околу една година, а финалната одлука за инвестирање беше донесена во август годинава.

На официјалното означување на почетокот на инвестицијата присуствуваа и министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, како и генералот Џим Џонс, еден од најголемите стратези на 21. век, дипломат од кариера и прв советник за национална безбедност на американскиот претседател Обама.

Фабриката за муниција е прва од неколкуте проекти што Броудстоун Дифенс ги планира во Македонија. Јолевски за време на посетата во Вашингтон минатиот месец бил информиран за идните планови на компанијата и новите производствени погони во Барбарос. – Со реализацијата на овие планови, локацијата ќе стане центар за наменската индустрија не само во Македонија, туку и пошироко во регионот, рече Јолевски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1