На 3-ти Мај, Светскиот ден на слобода на печатот, новинарите во Македонија немаат причина за прославување затоа што слободата на изразување и независноста на медиумите се сериозно загрозени. Иако македонскиот устав го гарантира правото на слободата на говорот и на информирањето,овие основни човекови права за жал се неостварливи. Водечките медиуми во Македонија се пристрасни и непрофесионални, кои место да ја информираат јавноста за состојбата во општеството, станаа пропагандно средство на владејачката структура, се вели во соопштението од Здружението на македонски новинари.
„Ваквата оценка ја потврди и Извештајот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ и на Советот на Европа, кои го мониторираа начинот на известување на медиумите за изборите. Тие забележаа дека медиумите известуваа пристрасно во корист на власта. Освен тоа Македонија во последните 7 години падна за 87 места на Индексот за слобода на изразување на Репортери без граници.
Ваквата состојба е резултат на погрешните медиумски политики спроведени уште од осамостојувањето на земјата, кои за жал ескалираа во последните години.
Носителите на високи јавни функции се уште ги користат тужбите за клевета и навреда да ги заплашуваат новинарите и да ги одвраќаат да истражуваат.
Новите медиумски закони во целост не се усогласени со препораките на Совет на Европа и Европските стандарди. Тие не обезбедуваат независност на Агенцијата за медиуми и Македонската радио телевизија, а во нив се предвидени високи казни за медиумите и има обид да се дефинира професијата новинар. Освен тоа, нема законско решение за транспарентно отчетно трошење на јавните пари во медиумите.
Сите носители на јавни функции и политичари веднаш да ги повлечат сите тужби за навреда и клевета против новинари. Граѓанскиот суд во Скопје треба стриктно да ја примени праксата на Европскиот суд за човекови права кога одлучува за тужби на јавни личности против новинари, бара ЗНМ.