На маргините на третиот Самит: Кина и земјите од Централна и Источна Европа, кој се одржува во Белград, Србија, денес беше потпишан рамковен договор за соработка во олеснувањето и на царинењето помеѓу царинските служби на Народна Република Кина, Република Македонија, Република Србија и Унгарија.
Од македонска страна Договорот го потпиша Заменик претседателот на Владата и Министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Договорот е основа со која се воспоставува соработка која ќе придонесе за развојот на регионалната и меѓународната трговска размена и исполнување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија за создавање на позитивна економска клима за привлекување на странски инвестиции и економски развој и просперитет.
Со договорот се предвидува продлабочување на соработкaта помеѓу царинските служби во насока на:
– признавање на царинските контроли извршени од другите царински служби,
– взаемна помош при административните постапки преку обезбедување на документи и докази, и
– размена на информации од спроведените истраги помеѓу царинските служби.
Со договорот се предвидува постојана размена на информации за спречување, откривање и борба против прекуграничниот криминал и царински измами и истовремено ќе претставува дополнителен придонес за забрзување и олеснување на легалната трговија и поголема безбедност на меѓународниот синџир на трговијата.
Рамковниот договор е потврда на веќе воспоставената одлична соработка со царинските служби на Унгарија и Србија, но и чекор во насока на понатамошно продлабочување на соработката со Царината на Кина преку склучување на Спогодба помеѓу двете земји за взаемна соработка и помош по царинските прашања.