Македонија пред Бугарија и Грција според владеењето на правото


На ранг листата на земјите која се однесува на степенот на владеењето на правото Македонија котира подобро и од Бугарија и од Грција кои веќе се членки на Европската Унија, покажува годишниот извештај на World Justice Project за 2012-тата година каде Македонија се најде на 41-вото место.

Данска на оваа ранг листа се најде на првото место, а што се однесува до земјите од регионот, Грција е на 46-тото место, а Турција е на 71-то место.

Бугарија се најде на 81-вото од вкупно 97-те места, со што таа се наоѓа далеку зад голем број земји од Европа и Азија.

Ваквото рангирање на Македонија е уште една потврда за напредокот што државава го постигнува со спроведените реформи. Македонија како земја аспирант кон Европската Унија подобро котира од Бугарија и Грција кои веќе се членки на европското семејство.

Извештајот објавен во средата претставува производ на петгодишната интензивна работа, тестирања и анкети. Во овој проект беа вклучени 97 000 членови од јавноста и повеќе од 2 500 експерти во 97 земји, кои претставуваат повеќе од 90 отсто од светската популација.

Македонија има високи оценки за отвореноста на владата (23. на глобално ниво и трета кај земјите со високо среден приход) и спроведувањето на прописите (34. на глобално ниво и петта кај групата на земји со високо среден приход).

Естонија е лидер во Источна Европа и Централна Азија во најголем дел од индикаторите што влијаат врз владеењето на правото.

Проектот за правда во светот е мултинационална и мултидисциплинарна организација што се стреми кон зајакнување на владеењето на правото за развој на заедниците по принципот на еднакви можности. Основана е во 2006 година, а нејзиното седиште е во Вашингтон, САД.

Извор: Нетпрес

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1