Македонија треба да плати 152.000 евра оштета за оштетената џамија во Арачиново во 2001


Врховниот суд одлучи дека Р. Македонија на Исламската верска заедница треба да ѝ плати отштета од 9.349.220 денари или приближно 152.000 евра за оштетената џамија во Арачиново за време на конфликтот во 2001 година.

Судискиот совет на Врховниот суд го одби барањето на Р. Македонија за ревизија на постапката за надомест на штета, во кој странка е ИВЗ. Државата треба да плати и 9.300 евра за судски трошоци за водењето на постапката. Отштетата треба да се уплати за оштетената дрвена граѓа набавена за изградба на новата џамија.

Според образложението на Врховниот суд, на територијата на село Арачаиново, во временскиот период од 22.6.2001 до 24.6.2001 година, имало воени дејства што се состоеле од пукање од авиони, тенкови и гранатирање (масовно по 10.000 гранати дневно). Од воените дејства оштетени биле џамиите во село Арачиново, и тоа долна или стара џамија, горна џамија и новата џамија, со тоа што новата џамија, која била во фаза на изградба, била опожарена, односно запалена од гранатирањето и со тоа била целосно оштетена.

Бидејќи новата џамија за време на воените дејства била во фаза на изградба, за неа не постоел степен на амортизација. Со вештачење било констатирано дека објектот нова џамија е современ верски објект, кој сè уште е во градба, а на денот на увидот објектот бил изведен само во конструкција, односно биле изградени армирано-бетонски темели, столбови, греди, плочи, скали, куполи и друго. При увидот на вештите лица на самото место биле забележани оштетувања на бетонските конструкциски елементи и арматурата за што бил изготвен табеларен преглед доставен со вештачењето за поправка на фасадата на џамијата, поправка на покривната конструкција на џамијата, поправка на внатрешните оштетувања на приземјето и галеријата, како и за електроинсталациите.

Врховниот суд констатира дека пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот. Имајќи ја предвид содржината на законската одредба од членот 166 став 1 од Законот за облигационите односи, како и неоспорно утврдениот факт дека штетата настанала како резултат на акти на насилство – воени дејства, правилно заклучиле пониските судови дека постои одговорност на државата, без утврдување вина во согласност со правилата за објективна одговорност за надомест на штета, навеле судиите во образложението.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1