Македонската ракометна репрезентација со пораз од Данска со резултат 33:30 го заврши настапот во групата Б од Светското првенство кое се одржува во Шпанија.
Ефектот на петте натпревари кои „црвено-жолтите“ ги одиграа во Севиља е две победи, еден нерешен дуел и два пораза, што на крајот од групната фаза значи освојување на 4.место и натпревар во осминафиналето со првопласираната од А групата, а тоа е репрезентацијата на Германија.
Исходот на дербито во А групата на кое Германија со победата над Франција и го превзема првото место дозволуваше Македонија против Данска да одигра меч без многу жар и дуел игра, а истото важеше и за противникот кој уште пред почетокот на овој натпревар го имаше обезбедено првото место.
На полувремето против актуелниот европски првак водевме со 15:14, во 40.минута предноста изнесуваше и три голови (21:18), но Данците од тој момент прават серија од 9:1 за целосен резултатски пресврт и недостижна предност за избраниците на Звонко Шундовски.
Браќата Кирил и Филип Лазарови со по пет постигнати голови беа најефикасни во македонскиот состав.
На другите два натпревара од последното коло во групата Б постигнати се следниве резултати: Русија – Чиле 36:24 и Исланд – Катар 23:19.
Конечна табела во Б групата: Данска 10 бодови, Русија 7, Исланд 6, Македонија 5, Катар 2, Чиле 0.
Македонија осминафиналето против Германија ќе го одигра в недела во Барселона.
Mia