Изгласани уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа во третата и финална фаза, откако претходно договор беше постигнат околу барањата на Беса на Биљал Касами.
Со 81 глас „за“, македонското Собрание ги усвои амандманите на четири члена од Уставот и со тоа го прифати договорот за името со Грција. Откако парламентот во Атина ќе го ратификува процесот, нашето ново име ќе биде Република Северна Македонија, а ќе има и други интервенции во уставот. За возврат, Македонија уште годинава ќе добие покана за членство во НАТО, а ќе се приближи и до Европската унија. Македонија го реши проблемот што две и пол децениции го кочеа напредокот на земјава, но компромисното решение со Грција остави незадоволство кај мнозинството граѓаните, кои, сепак, го прифатија договорот како влог во иднината.
„За“ гласаше и Панчо Минов. Сите други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата не присуствуваа на седницата и го почитуваа партискиот став.
Седницата почна во средата кога премиерот Зоран Заев имаше експозе за уставните измени, по што претседателот на Собранието ја прекина и неколку пати ја презакажуваше изминативе денови.
Со двотретинско мнозинство, со 81 глас за, без против и воздржани Собранието го донесе Амандманот 33.
На дневен ред на оваа седница беа предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите.
Собранието го изгласа и видоименетиот амандман за дијаспората, односно предлогот за кој претходно запнаа преговорите помеѓу Заев и Касами. Видоизменетиот амандман е дека „Републи се грижи за дијаспората на македонскиот народ , албанскиот, турскиот…“ и т.н.
Овие амандмани ќе бидат составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
Расправата почна без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои и претходно најавија дека нема да учествуваат во последната фаза од уставните измени, а во седиштето на партијата состанок има Извршниот комитет на кој се расправа за уставните измени и за натамошното делување на партијата. Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев пред состанокот изјави дека е повикана целата пратеничка група. Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти работата во Собранието, Јанушев рече дека ќе биде преиспитано нивното идно дејствување во институциите.
Премиерот Зоран Заев се обрати од говорницата на законодавниот дом каде моментално се води седница за изгласување на уставните измени.
„Без договор со Грција нема НАТО и ЕУ. Некаде во април 2018 година Мицкоски не сакаше да дискутира на оваа тема. И ова ќе биде сценарио како минатото иако знаеме од безбедносен аспект што се случува во регионот. Јас го променив својот став по цена на прогрес и по цена на мојата политичка кариера. Добивме конечна потврда на нашиот идентитет“, рече Заев и потврди дека сегашниот устав и уставниот законик го зацрврствуваат македонскиот идентитет.