Пациентката што три месеци вршеше голема нужда преку вагината, затоа што не беше соодветно оперирана од рак на дебелoто црево, повторно е заглавена во лавиринтите на здравствениот систем, бидејќи Фондот за здравство не дозволува да го изврши потребното снимање на ПЕТ-скен, кој може да ѝ го спаси животот, пишува Слободен Печат.
Комисијата за малигни болести утврдила дека е неопходно да се направи ова снимање за да се види дали има нови малигни клетки и каде тие се наоѓаат за да може соодветно да продолжи лекувањето. Снимањето може да се направи во приватна болница во Скопје или некаде во странство, но Фондот не дава дозвола за тоа. Фондот воопшто не сака да разговара за ова, иако нашиот здравствен систем веќе еднаш ѝ направи штета на оваа пациентка, со тоа што беше погрешно оперирана – велат лекарски извори.
Зошто не ѝ е дозволено снимање на ПЕТ-скен, прашавме во Фондот за здравство, но иако два дена чекавме одговор на прашањето, оттаму молк. Надлежните за информирање не одговараат на прашањата испратени по електронска пошта, ниту на телефонски повици, како и на СМС-пораките.
– Со тоа што се чека за да се постави дијагноза кај пациент што веќе имал малигно заболување, се губи драгоцено време, што може да чини и живот – велат лекарите.
Кога во јануари годинава медиумите го објавија случајот на оваа пациентка, Јавното обвинителство рече дека ќе отвори предмет и ќе испита дали има лекарска грешка или не. Но иако оттогаш се поминати 10 месеци, од обвинителството сè уште немаат информација кога и дали воопшто ќе бидат поднесени кривични пријави против лекарката што ја оперирала жената, како и лекарот супервајзор од странство, кој ја надгледувал операцијата.
Бизарната грешка со анусот влезе во медицинските анали
На 39-годишната пациентка во болницата „8 Септември“ ѝ била направена операција на тумор на ректум и притоа дебелото црево ѝ било поврзано со вагиналниот канал поради што по неколку дена од операцијата таа забележала гасови, а потоа и фецес од вагината. Хирурзите што ја правеле интервенцијата, ѝ објасниле дека тоа е нормална реакција за таква модерна процедура, која била изведена под надзор на меѓународен обучувач. Пациентката три месеци била во ваква состојба, со зашиен анус, кога го посетила својот онколог. Тој ја испратил на второ мислење на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Хирурзите оттаму се посомневале дека е направена грешка и за неколку дена кај пациентката била направена повторна операција по што работите се нормализирале.
Случајот под наслов неприфатлива медицинска грешка беше објавен во престижното медицинско списание, „International Journal of Surgery Case Reports“ од проф. д-р Милчо Пановски од Клиниката за дигестивна хирургија, која ја направи втората операција кај жената.
Извор: Слободен печат