Врз основа на одлуката на Владата на Република Македонија, денес Армијата на Република Македонија испрати помош во подрачјата погодени со поплавите во Република Србија и Босна и Херцеговина.
Во Република Србија денес АРМ испрати обучен персонал со материјално-технички средства и опрема наменети за помош во вакви прилики.
Кон Босна и Херцеговина од АРМ се испратени 3 илјади ќебиња кои заедно со останатата хуманитарна помош од Република Македонија се на пат кон поплавените региони во оваа држава.
Хуманитарниот контингент на АРМ е дел од контингентот на Република Македонија, со помош наменета за поплавените региони во Србија и Босна иХерцеговина, каде во текот на денешниот ден заедно со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување се упати кон Република Србија.
На овој начин АРМ уште еднаш ја покажа подготвеноста за делување во услови на природна катастрофа и надвор од Република Македонија, како што во моментов е случај со поплавите во соседството и поширокиот регион на Балканот.
Црвениот крст на Македонија соопшти дека ќе испрати екипи и опрема за спасување во поплавените подрачја во Србија и во Босна и Херцеговина.
Веќе се направени контакти со национални друштва на Црвениот крст на двете земји и им е понудена помош во гумени чамци, спасители, тим за проценка за хуманитарните потреби на населението и станица за прочистување на вода.
Согласна нивната проценка, во моментот населението во поплавените делови на Србија и БиХ има потреба од храна, средства за хигиена, нова облека и обувки, ќебиња, бебешка храна, вода за пиење.
Црвениот крст на Македонија информира дека парична помош може да се уплати на жиро сметка – Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка. Отворени се и посебни телефонски линии 075/070/077 143 400 на кои граѓаните со секој повик можат да донираат по 100 денари.
Собирен пункт, пак, за хуманитарна помош во Скопје е магацинот на Црвениот крст во Момин Поток, на адреса ул.Момин Поток бб, тел. 3096227. На локално ниво помошта може да се донира и во општинските организации на Црвеиот крст надвор од Скопје.
Црвениот крст ги повикува компаниите и хуманите граѓани да се вклучат во апелот за помош на настраданото население. Хуманитарната акција започнува од денеска и ќе трае до 31 мај. За текот и резултатите од акцијата јавноста ќе биде навремено и соодветно информирана.