Нова Македонија ја открива приказната за македонски изумители на метода со која маглата лесно се растерува.
Изум што десет години чека примена
Локација – Скопје, 23 јануари 2002 година, 8.15 часот. Првична ситуација: мала видливост едвај 30-50 метри, небо невидливо. Маглата се расчистува со три возила, едно по левата страна на Вардар, едно по десната, а едно по Партизански одреди, низ центар до Аеродром и назад. Првите ефекти се појавуваат по десетина минути, а за околу еден час видливоста се зголемува на 500-600 метри. Во 10.30 часот небото целосно се расчистува и сонцето се пробива. Ова не е сценарио за некое ново продолжение на познатиот филм „Магла“ туку вистински настан од експериментот што пред 10 години го извеле во Скопје истражувачите и иноватори Владо Спиридонов, Чало Чаовски и Стефан Стефанов.
Густата магла и деновиве ги измачува граѓаните. Дали поради местоположбата на градот или низа други фактори во зимските месеци таа е наша судбина и понекогаш не се крева со недели. Таа го парализира нормалниот живот на луѓето, го блокира сообраќајот, индустриските зони, го загадува воздухот, влијае на здравјето на луѓето, им пречи на ски-центрите, а освен тоа и носи големи финансиски загуби за компаниите, аеродромите… Оттаму, решавањето на проблемот со маглата е од големо значење. Својот пронајдок за расчистување на маглата нашите соговорници го имаат патентирано и тој е прогласен за патент на годината уште во 2000 година. Експериментот се покажал како многу ефектен и нема никакви негативни влијанија иако не се бара и не се користи масовно, велат тие.
Се користи само на ниски температури
Расчистувањето на маглата се врши со помош на разладувачки реагенс што се испрскува во воздухот, при што доаѓа до хомогена нуклеација на водената пареа и се формираат кристали, кои паѓаат во вид на снег. На тој начин за 30-50 минути се расчистува просторот и видливоста се зголемува. Сетот за растерување на таканаречената ладна магла може да биде статичен или мобилен. Овој експеримент се користи и е ефективен само за ладна магла, односно кога температурата е под нулата.
– Овој реагенс дејствува на ниски температури, колку се пониски температурите, толку поефикасно се расчистува маглата. За топлите магли се потребни поопсежни истражувања и поголеми финансии. Кога се применува овој метод се прочистува средината, се проветрува, чувството е прекрасно, исто како дома кога ќе зачистиш и се чувствуваш многу пријатно. На аеродромите во Европа го применуваат ова решение, само методите се различни – ни изјави Чало Чаловски, еден од пронаоѓачите.
Колку чини растерувањето на маглата зависи од тоа за колкав простор се работи, колку луѓе и технички средства ќе се ангажираат, колку време ќе се посвети, како и колкав простор треба да се отвори.
– Карактеристичен пример беше на аеродромот „Петровец“ кога целата писта од околу три километри за кратко време се отвори. Таа светеше, а околу неа сѐ беше магла. Дежурните во метео-службата дојдоа и прашуваа што направивме. На аеродромот работевме во 2001 година, кога имаше потреба, и ние во континуитет ја расчистувавме. Во РЕК „Битола“ неколку години имавме ангажман во декември и јануари, кога се појавува магла во коповите на рудникот „Суводол“ – се присетува Стефан Стефанов.
Ладната магла се јавува од крајот на декември до средината на јануари, но ја нема секоја година и не се знае кога ќе излезе.
– Од ова решение имаат добивка сите: граѓаните, фирмите, на пример „Топлификација“ помалку би трошела кога температурите би биле повисоки, осигурителните компани помалку ќе исплаќаат штета, ќе се намали аерозагадувањето. Бенефиции има, но нема заинтересираност – ни изјави Жика Младеновиќ, одговорен за дистрибутивни центри на „Технички гасови“.
Идејата без пари останува само идеја
Идејата потекнува во 1997 година, а првиот експеримент го направиле на 19 јануари 1999 година во коповите на рудникот „Суводол“, кој се покажал како успешен.
– Сѐ почна кога вработени од РЕК „Битола“ се обратија кај нас да ги обучиме како да работат со стара опрема за расчистување магла. Тоа ни даде идеја да се заинтересираме и да побараме решение.
Најдовме теоретско решение, фирмата „Технички гасови“ финансиски и технички нѐ поддржа. Без нив сега ќе немавме ништо. Идејата без пари останува само идеја – додава Стефанов.
Цената е исплатлива, особено за аеродромите, бидејќи во услови на густа и ладна магла тие имаат огромни загуби. А со ова решение проблемот ќе им се реши, и тоа по многу пониска цена од онаа што можат да ја загубат.
– Дејствуваме само во оние денови кога има магла. Но во последно време никој не побарал. Можности има, но нема заинтересираност, сметаат дека со ова ќе направат само трошоци, не ја гледаат добивката. Исто така и ски-центрите би имале голема корист од ова решение, тие се на повисоко место, каде што има пониски температури и повеќе магла, така што условите се идеални – додава Младеновиќ.
Izvor – Нова Македонија