48-годишен македонски државјанин е приведен во Србија под сомнение дека ја предизвикал вчерашната тешка сообраќајна несреќа, во која загинаа две деца.
Српските медиуми објавија дека станува збор за Бајрам J. возач на автобус кој сообраќал на релација Гостивар-Виена.
Тој на автопатот Ниш-Белград, кај местото Велика Плана, од се уште неразјаснети причини со автобусот се забил во автомобил марка тојота, која се движела пред него и која намерно ја намалила брзината за да избегне сообраќајка која се случила на автопатот меѓу две други возила.
Во тојотата, во која се наоѓало 7-члено семејство од Германија, на самото место загинале бебе и 7-годишно дете.
Нивните мајка и татко со другите три деца биле тешко повредени и пренесени во болницата во Смедерево.
Македонскиот возач на автобусот, според српските медиуми, не застанал, туку продолжил да вози, по што удрил и во крајслер со бугарски регистерски таблички, кога тешко била повредена 30-годишна бремена жена.
Во своевидниот карамбол на автопатот учествувале шест возила, во кој биле повредени најмалку 10 лица.
И македонскиот возач бил пренесен во болница, а по извршениот преглед му било одредено полициско задржување под сомнение дека извршил тешко дело против безбедноста во сообраќајот.