Македонското Министерство за внатрешни работи и германското Министерство за сообраќај утре ќе го потпишат договорот за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи во двете земји. Договорот би требало да стапи во сила веднаш потоа, што значи дека набрзо ќе можат да се заменуваат македонските возачки дозволи во Германија, и обратно.
Двете земји постигнаа начелен договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи уште во февруари годинава, но технички проблем ја одложи финализацијата на договорот.
Стапувањето во сила на договорот со олеснување ќе го дочекаат македонските државјани кои имаат постојано живеалиште во Германија, но и оние кои често патуваат во земјата, бидејќи досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит.