Македонската компанија за визуелни ефекти и анимација „Фх3х“ е дел од тимот што работеше на филмовите „Осамениот ренџер“ и „Ајронмен 3“, кои се номинирани за „оскар“ во категоријата најдобри визуелни ефекти.
Ова не е прва номинација за македонската компанија, која во изминативе години трипати беше дел од тимот што ја освојуваше престижната статуетка, и тоа за филмовите „Животот на Пи“, „Ранго“ и „Златен компас“.
Во исчекување на уште еден „оскар“, „Фх3х“ најавува соработки уште на два проекта.
– За филмот „Мразокршач“ соработувавме со компанијата „Скенлајн“ од Минхен. На овој проект работеа осум артисти во текот на два месеци. Ја изработувавме околината, односно планинскиот предел во кој се одвива финалето од филмот. Вториот проект е соработката со „Ем-пи-си техниколор“ на епизоди од последната сезона на „Игра на престолот“. Работата почна во јануари, на него се вклучени 29 артисти и досега се направени 126 кадри во должина од 8,30 минути. Работата на овој проект ќе продолжи и понатаму – велат од „Фх3х“.
Гламурозната церемонија на доделувањето на најпрестижните филмски награди „оскар“, што ќе ја пренесуваат повеќе од 225 држави во светот, ќе се одржи в недела во Лос Анџелес. Случувањата на црвениот тепих и оскаровската церемонија ќе бидат директно пренесувани на Сител.
Оскаровското шоу ќе почне во 2.30 и ќе трае до 6 часот. Коментатор ќе биде Миланка Рашиќ, чија агенција „Миракс“ со години ги откупува ексклузивните права за емитување на оскаровското шоу во Македонија. Снимката „Оскари 2014: победници“ во траење од два часа ќе се емитува в понеделник, во 23.15 часот.
Годинава во трката за најдобар филм според Американската филмска академија се „Гравитација“ на Алфонзо Куарон, „Волкот од Волстрит“ на Мартин Скорсезе, „Дванаесет години ропство“ на Стив Мекквин, „Американски измамници“ на Дејвид О’Расел, „Потрошувачкиот клуб од Далас“ на Жан Марк Вале, „Капетан Филипс“ на Пол Гринграс, „Небраска“ на Александар Пејн, „Филомена“ на Стивен Фрирс и „Таа“ на Спајк Џоунс.
Ноќта на „оскарите“ ќе почне пред полноќ со пристигнувањето на ѕвездите на црвениот тепих, а од 1 часот почнува „Одбројување до оскарите“, со интервјуа со номинираните за годинешните статуетки и со модни осврти.