И оваа година македонските туристи го запоседнаа грчкиот полуостров Халкидики. Првиот крак Касандра, составен од мали туристички места со симпатични таверни и тесни, но атрактивнми плажи, во екот на сезоната е начичкан токму со Македонци, пренесува Канал 5.
Речиси да нема место, уличка, балкон од каде не се слуша македонскиот говор. Со години најатрактивната летна дестинација останува избор број еден за летување не само за Македонците туку и за Србите, Русите и Англичаните. За сите нив на прво место е убавото мирно море, но и близината со урбаните градови. Имено, Халкидики се наоѓа на само 70 километри од Солун.
Во последните години полуостровот Халкидики популарен не само како идеално место за одмор, туку и по еднодевните екскурзии кои ги нудат домашните туристички агенции. Покрај прекрасните плажи, вниманието го привлекуваат и традиционалните таверни, кафулиња во медитерански стил, продавници за дребулии и за сувенири кои ги имате на секој чекор.
Според туроператорите, цените на сместувањата годинава не се променети. Во шпицот на сезоната, најевтината понуда за девет ноќевања во Грција чини околу 260 евра.