Макпетрол е изненаден од поведувањето постапка против првите луѓе на оваа компанија.
„Макпетрол е изненаден од каде потребата против нашата компанија да биде поведена постапка, која наликува на тенденциозна хајка, базирана на паушални и неосновани обвинувања. Ова се случува по цели 9 години откако собранието на акционери донесе одлука за вложување во компанија, која би гарантирала квалитетна и навремена дистрибуција на нафта и нафтени деривати.“ – се вели во соопштението на „Макпетрол“.
Од таму додаваат и дека компанијата работи целосно транспарентно и никогаш не прекршила никаков законски пропис, а најмалку од се би можела да оштети некој од своите акционери.
„Сите деловни одлуки на компанијата се донесени целосно транспарентно, со одлука на акционерите и иги имаат поминато сите внатрешни и надворешни правни филтри за да се процени нивната правна валидност. Комапнијата одговорно тврди дека работи целосно законски, а за тоа сведочат постојаните позитивни интерни контроли, надворешни ревизорски извештаи, како и фактот дека до сега нема добиени ниту една официјална жалба или поплака од било кој акционер, кој би се почувствувал оштетен од начинот на кој што работи друштвото“, се вели во реакцијата на „Макпетрол“.
„Уште еднаш потенцираме дека Макпетрол А.Д. е една од најголемите и најуспешните компании во Македонија, која вработува илјадници семејства и постојано придонесува за развојот на македонската економија, и нема да прифатиме било какви тврдења кои ги нарушуваат нашата чест и углед. Се сомневаме дека оваа цела постапка е резултат на изгубен судски спор на УЈП со кој се утврди незаконско оданочување“, се вели во реакцијата.
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против првиот човек на нафтената компанија „Макпетрол“, Андреја Јосифовски и за уште 20 други лица, членови на Управен одбор, членови на надзорен одбор, одговорни во Централниот регистер, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии, кои се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Полицијата ги сомничи за незаконско прелевање на капитал од акционерското друштво „Макпетрол“ во командитното друштво со акции „Оилко“.
Макфакс