Патничкиот „боинг 777“ на малезиската компанија „Малезија ерлајнс“ се распарчил на делови уште при летот откако претходно бил погоден од многубројни високоенергетски предмети, кои го пробиле трупот на авионот, кој во тој момент се движел со голема брзина, тврдат во својот извештај холандските експерти. Експертите од холандската Kомисија за безбедност во авионскиот сообраќај, во извештајот што беше објавен вчера, тврдат дека нема никакви докази за техничка или за човечка грешка во текот на летањето, која би го предизвикала падот на авионот во источна Украина. Kореспондентите велат дека ова се совпаѓа со тврдењата дека авионот бил погоден од шарпнели, пишува Би-би-си.Холандските експерти во својот извештај велат дека наодот за причините за падот на авионот го направиле врз основа на податоците на црната кутија, податоците на контролата на летањето на земјата, сателитските снимки и снимките од остатоците на паднатиот авион, пренесе Би-би-си. Снимачот на глас, што исто така бил испитуван, открива дека нема знаци за вонредна ситуација, ниту за технички проблеми кои ги имале пилотите.
Истражителите го немаат посетено местото на несреќата поради борбите во областа. Податоците за одржувањето на леталото покажуваат дека авионот немал познати технички проблеми кога полетал од Амстердам, стои во извештајот. Експертите велат дека бил управуван од искусен екипаж. Радиокомуникациите меѓу пилотот и украинската контрола на воздушниот сообраќај потврдуваат дека немало итен повик.
– Последните повици од украинската контрола на воздушниот сообраќај меѓу 13.20 и 13.22 часот останале неодговорени – стои во извештајот.
Во него јасно се нагласува дека фактот што голем број делови од авионот се расфрлани на голема површина укажува дека авионот се распарчил во воздух.
Сите 298 патници и членови на екипажот загинаа при падот на „боингот“ што леташе на својата редовна линија од Амстердам кон Kуала Лумпур.
Целосниот извештај за падот на авионот ќе биде објавен в година, една година по несреќата, соопштија холандските експерти.