Потпретседателот на авиокомпанијата Малезија ерлајнс Хејб Гортер на прес-конференција на аеродромот во Амстердам веднаш по паѓањето на малезискиот авион над источна Украина рекол дека авионот летал толку ниско по барање на украинската контрола на летови.
Според планот на летот, боингот 777 на летот МХ17 требало над Украина да лета на висина од 10.660 метри, а пилотите се спуштиле на 10.050 метри по барање на украинските контролори на летот, рекол Гортер разјаснувајќи ја дилемата зошто несреќниот авион ја сменил маршрутата, пишува Раша тудеј.
Гортер одбил да каже зошто авионот не го сменил правецот за целосно да го избегне воздушниот простор на Украина, велејќи само дека немало никакви предупредувања на опасност.
Гортер рекол дека на роднините на настраданите ќе им бидат исплатени по 5 илјади долари за итни потреби во овие моменти, што било стандардна процедура. Тој рекол и дека на сите членови на семејствата на загинатите што сакаат да го посетат местото на падот на авионот во Доњецкиот регион – компанијата ќе им го обезбеди тоа.










