Една обемна студија, во која биле вклучени 90.000 жени и која траела 25 години, сериозно ја доведе во прашање вредноста на мамографијата кај жените на која било возраст. Студија е објавена во Британскиот медицински журнал, а ја пренесува Њујорк Тајмс.
Со студијата требало да се утврди дали постои некаква предност во откривање на рак на дојка кога тој е премногу мал за да може да се почувствува. Одговорот на истражувачите бил негативен. Во воведот на студијата е објаснето дека претходните истражувања кои откриле дека мамографите им помагаат на жените се направени пред да стане пракса рутинското користење на лекови како „тамоксифен“, кој сериозно ја намалува смртната стапка од ракот на дојка. Дополнително, тие забележуваат дека голем број од студиите не користеле златен стандард методи во клиничките испитувања.
Според авторката на студијата др. Мет Калагер, епидемиолог од Универзитетот од Осло и Училиштето за јавно здравје на Харвард, има причина зошто овие резултати не се како на претходните студии. Односно дека заради користењето на подобри терапии, како тамоксифен, помалку е важно раното откривање на ракот.
Досега за бенефитите на мамографијата имаше сериозни дебати, но ниту една нација освен Швајцарија нема побарано да се прекине со тестовите. Според еден од членовите на Швајцарскиот медицински борд, др. Питер Јуни, една од главните грижи е дека мамографијата не ја намалува севкупната стапка на смртност од болеста, но го зголемува бројот на непотребни дијагнози, доведува до неточни позитивни резултати и непотребни биопсии.
Студијата само ќе ја зголеми поделеноста меѓу оние кои веруваат дека мамографијата спасува животи и растечкиот број на истражувачи кои тврдат дека нема докази за успешноста на мамографијата.
За сега не се очекува дека резултатите на студијата ќе ги променат насоките за мамографија, а според шефот за контрола на рак во Американското друштво за рак, др. Ричард Вендер, сите постојни студии се анализираат, вклучително и оваа последната, и во текот на годината ќе се објави ревизија на правилата.