Светскиот тренд легализација на марихуана, дали „рекреативно“ или за употреба во медицината, пристигна и на Балканот. Во Србија веќе е во завршна фаза иницијативата за легализација на марихуана во медицински цели и останува уште еден чекор, законот да го мине собранискиот филтер во ноември. Во Македонија идејата за легализација на марихуана е во задродиш. Од здружението „Зелена Алтернатива“ наскоро ќе покренат и конкретна иницијатива, но не сакаат да кажат дали ќе бараат нејзина целосна легализација или само за медицинска употреба, пишува Прес24.
Во организација на ова здружение во Скопје пред две недели се одржа и семинар за употреба на конопот (канабисот) на кој зборуваше познат светски лобист за законско одобрување на оваа билка, Рик Симпсон. Тој тврди дека со масло од канабис излечил 5.000 лица.
Според него, маслото од канабис е најдоброто и најмоќното лековито растение што постои на оваа планета и може да лекува многу медицински состојби и тоа мошне ефикасно. Вели дека третирал илјадници луѓе со многу различни состојби и ова масло има направено чуда за голем дел од нив.
– Накратко, иднината на медицината е во ова масло. Третманите за рак како зрачење и хемотерапија ќе бидат минато, вели Симпсон.
Тој има и веб-страница преку која ги продава своите производи од канабис.
Press24 спроведува и анкета во последните месец дена – огромно мнозинство се изјаснуваат „За“ легализација на марихуаната.
Лекарите не му веруваат на Симпсон
За неговото тврдење со скепса гледаат нашите стручните лица. Според нив, не е научно докажано дека маслото лекува некоја болест, а некои од нив дури не ни сакаа ни да коментираат потенцирајќи дека можат да говорат само за стандардизираните методи за третман на карциномот.
– Јас сум против каква било легализација на марихуаната. Научно не е докажано дека маслото од канабис има цитостатично дејство, дека ги уништува малигните клетки. Сега има многу добри цитостатици кои помагаат во лекувањето на карциномот кога тој е во порана фаза, вели Илчо Захариев, градоначалник на Штип и прв човек на Државната комисија за борба против дрогата.
Според него, Македонија треба да ги сочува своите специфики и ако нешто е во светот тренд не треба да го прифаќа само затоа што некои држави се одлучиле на таков чекор.
– Ние треба да се залaгаме во оваа држава да растат здрави генерации. Дрогата е дрога. Нема лесни и тешки дроги. Во Англија марихуаната ја третираат како тешка дрога. Во канабис статива вариетет индика има 200 фармаколошки компоненти, меѓу кои и најјаката ТХК. Mарихуаната е термин кој се користи за исушени врвни делови од женските растенија во цвет на индински коноп. Хашишот е смола што се добива од овие делови со екстракција со неполарен растворувач. А марихуаната е влез кај голем број на зависници од хероин, вели Захариев.
Тој објаснува дека сите компоненти на марихуанaта придонесуваат за промена на свеста. Лицата кои ја консумираат добиваат визуелни и акустични халуцинации.
– На ливада на која има само трева гледаат нарциси, разни цвеќиња. Кога слушаат хеви метал, тие го слушаат Павароти. Слушаат звуци и гласови кои ги нема во реалниот свет. За болните од карцином нејзиното користење би значело бегство од реалноста, одење во „светот на цвеќињата“. Така полесно можат да ја поднесат болеста. Тоа е улогата на марихуаната кај лицата кои се тешко болни, а не дека таа може да излекува. Не лекува ниту маслото од канабис, вели Захариев.
Според него, на лицата уживатели на наркотични средстава им е доволна само иглата и шприцот. Таквите лица не се способни ниту за работа, ниту да формираат семејство.
– Не треба да се стремиме да имаме млaдина која не е свесна за реалноста. Со таквите лица полесно се манипулира, вели Захариев.
И д-р Нино Васев, радијациски онколог од Клиниката за радиотерапија и онкологија, не верува во тврдењето на Сипмсон дека со маслото од канабис може да се лекува ракот.
– Не ретко болните од рак бараат „лек“ кој ќе им помогне во лекувањето. Но, праксата покажала дека таквите лекови немаат ефект. Маслото од канабис можеби има своја улога лечењето на рак, за олеснување на симптомите од тешките хемотерапии, но тоа не е лек за рак. Значи, не го лекува. Во моето над двесетгодишно работно искуство со рак на дојка сум имал пациентки кои се обидувале да се лечат со разно разни производи. Еден период беше актуелна црната шкорпија од Куба, па рскавицата од ајкула, има луѓе кои замаат дури и петролеј, се обидувале и со сода бикарбона, но, освен научно докажаните лекарства, третман издржaн од науката и класичната медицина ништо друго не помага во лечењето. Во мојата пракса сум излекувал многу жени со стандардизирани методи. Нема поголема среќа за мене кога ќе видам дека сум кренал на нозе некоја тешко болна жена, вели Васев.
За доктор Васев маслото од канабис е еден тренд, како и многу други „лекови за рак“ и верува дека наредната година ќе се појави нов „лек“ против оваа болест. Но, сепак, треба да се испита и да се докаже ако има некакво лековито дејство.
– Треба да се направат истражувања реализирани со контролирани, стандардизирани, мерливи и повторливи истражувачки методи. Не е фер луѓето да се залажуваат и да се профитира на нивната мака, вели тој.
И доктор Иван Тулевски, поранешен раководител на Центарот за лекување на зависност од дрога, се сомнева во „чудесните“ дејства на канабисот како лек.
Според него, употребата на канабис кај тинејџерите ја оштетува способноста за учење, придонесува за непоправливо намалување на коефициентот на нивната интелигенција и го отвора патот кон користење на други незаконити дроги.
Доктор Тулевски вели дека има сознанија оти индустријата за производство на цигари соочена со и намалената потрошувачка на тутун има интерес канабисот колку што е можно повеќе да го замени со тутунот. Фабриките за производство на цигари лесно ќе се преориентираат за производство на цигари од канабис.
Контроверзии околу легализацијата
Освен претпоставките дека зад легализацијата на марихуаната стои тутунската индустрија, во многу медиуми, па дури и на веб-страниците специјализирани за марихуана на кои се пропагира нејзина легализација, не ретко ќе прочитате мислења дека зад барањето за нејзина законска дозвола стои озогласениот гигант за производство на ГМО семиња „Монсанто“. Оваа компанија наводно има намера да влезе во „војна“ за медицинската марихуана. Се шпекулира дека во рацете на „Монсанто“ се семињата за коноп и дека компанијата подолг период работи на гентески модифицирана марихуана.
Еден од акционерите на „Монсанто“ познатиот светски шпекулант, Џорџ Сорос, е познат по лобирањето законски да се дозволи употребата на „џоинтот“. Тој досега има донирано 80 милиони долари во кампањите за легализација на марихуанта. А кога ќе се спомне неговото име, следува прашањето зошто тоа го прави ако од тоа нема интерес? Ако завладее „Монсанто“ со семињата за коноп, тоа за Сорос заедно со другите акционери, ќе биде уште еден добар извор на пари од легален бизнис.
Отворањето на темата за легализација на марихуаната за медицински цели неминовно ја отвора и темата за дозвола за нејзина употреба за „рекреација“.
Поборниците за нејзина целосна либерализација, ќе ви кажат дека од конопот покорисна билка нема и дека бил забранет од индустриите токму поради неговата чудотворност. Првите фармерки биле направени од коноп и кога се видело дека се неуништиви, текстилната индустрија почнала да ги прави од памук кој побрзо се кине, за да може да профитира. Во 1941 година, Хенри Форд одржал настан, на кој замавнал со секира по прототип тело на автомобил, направен од коноп и други растителни материјали за да се докаже неговата сила. Сепак, автомобилите продолжуваат да се прават од челик.
Ова се само дел од аргументите на оние кои се залагаат за легализација на марихуаната. Тие тврдат дека „тревата“ не е е воопшто страшна ако се консумира и не е влез за некој да почне да користи потешки дроги.
Но, според докторите, таа создава зависност и има штетно влијание по здравјето на човекот, односно го оштетува мозокот, ја менува свеста на човекот, а нејзините консументи патат од амотивационен синдром.
Во Центарот за зависности велат дека не е правило зависник од хероин да почне со марихуана, но најчесто е така.
– Имаме многу пациенти кои се лечат од зависност на марихуана. Ја комбинираат со хероин. Земаат марихуана и седативи. Потребна е долготрајна терапија, мотив и поддршка од семејството за еден зависник да се излекува, вели доктор Анета Спасовска Трајановска.
Инаку, кај нас канабисот е забранет согласно конвенциите на Обединетите нации за контрола на дрога од 1961 и 1972 година и оваа класификација се однесува на сите земји-членки на ООН. Растението канабис (независно од вариететот), неговата смола, цвет, екстракт, тинктура, влегуваат во прва категорија контролирани супстанции (според евидентираната штетност врз здравјето на луѓето).
Останува да се види дали ќе натежнат аргументите дека не е ништо страшно ако се одобри користењето на канабис во медицински цели и да им се излезе во пресрет на болните лица кои сега го користат нелегално или ќе преовлада мислењето дека нема потреба да се одобрува лек за кој се уште не е докажано дека лекува конкретна болест