Маркетите и официјално добија обврска да ги објавуваат цените на сите производи, на своја веб страница. Собранието ги донесе измените на Законот за заштита на потрошувачите. Со тоа, граѓаните ќе можат да споредуваат и да одберат од каде ќе пазаруваат. Обврската треба да си ја завршат за 45 дена отсега, а за непочитување се предвидени глоби до 10 илјади евра. Од објавување на цените, ослободени се микротрговците и трговците-поединци.

„На пример, килограм урда од еден производител во еден маркет чинел 155 денари, во исто време, истиот производ, во друг маркет 231 денар. Биено сирење од еден килограм од истиот производител чинел 350 денари, во друг маркет 412 денари“ – изјави Драгана Бојковска, ВМРО-ДПМНЕ.
Според пратениците од власта, сега граѓаните ќе може да одберат каде ќе ги трошат своите пари. Велат не е нормално да имаме повисоки цени отколку во Европската Унија.
„Не е нормално да имаме цени во маркетите коишто се највисоки на балканско ниво. Не е нормално да имаме повисоки цени во нашите маркети отколку што имаат земји во опкружувањето кои се членки на ЕУ. Не е нормално. Македонскиот купувач е дисциплиниран, продолжува да пазари, а гледаме дека некои работи едноставно излегуваат од контрола и дека некоја желба за профит излегува од контрола“ – изјави Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ.