Канадската новинарка Аманда Линдхут (33) своевремено 15 месеци поминала во заложнишво во Сомалија. Според нејзината книга за искуствата од пеколот кои ги преживеала во околината на Могадишуа наскоро во Холивуд ќе биде снимен и филм, а таа деновиве откри како на своите киднапери и злоставувачи се им простила.
Линдхут и австралискиот фотограф Најџел Бренан во 2008. година во околината на главниот град на Сомалија работеле на една сторија, но ги киднапирале разбојници и ги држеле во заложништво цели 460 дена.
Преживеала, како што вели, бидејќи во глава си создала концепт „куќа на небото“, во која бегала во најтешките моменти на немилосрдното сексуално злоставување. „Таму беа сите мои сеќавања и сите мои сонови“, раскажала новинарката. Опишувајќи ги потресните искуства од заложништвото, рекла дека се било преполно со насилство.
„Беше тешко да се преживее секој ден, особено зато што не знаев дали некогаш воопшто ќе заврши. Ме злоставуваа речиси непрекинато“.
Но, токму во најтешките моменти доживеала, како што вели, будење.
„Абдулах ме злоставуваше, ме болеше, се обидов да се одбранам и тогаш доживеав едно вонтелесно искуство. Се видов самата од горе“, раскажала и додала дека во тој момент дознала дека единствената работа која ја познава нејзиниот напаѓач е насилството.
„Сосема е јасно дека моите киднапери се производ на војната и дека војната нив ги обликувала. Тоа сознание ми помогна. Тие се човечки суштества со сопствени потресни приказни. Тоа никако не значи дека се невини, но факт е дека се производ на насилство“, наведува Линдхут.
Во своите мемоари, на кои им дала наслов „Куќа на небото“, открила како нејзиното и семејството на фотографот ангажирале приватен преговарач кој се договорил за откупнина од 600.000 долари за нивно ослободување, во што не успеале властите на Канада и Австралија кои долго време преговарале без успех. Од заложништво се пуштени во ноември 2009. година.
Неколку месеци по ослободувањето, Линдхут основала фондација со која го финансира високото оброзование на жените од Сомалија. Еден ден, како што вели Линдхут, отишла на Фејсбук и видела дека и стигнала порака од еден од киднаперите кој ја пофалил нејзината работа со младите Сомалијки.
„Фактот дека се свесни за работата со која моментално се занимавам и дека може да видат дека не успеаа да ме скршат… тоа е најдоброто чувство за задоволување на правдата“, заклучила Линдхут.