Мицкоски: Кратењето на плати требаше да почне од високите функционери, а не од работниците, бараме Заев да ја повлече мерката, и да ги прифати нашите предлози за помош на бизнисот.
На стопанството му е потребна вистинска финансиска инекција и здрави чекори кои ќе доведат до поддршка која ќе гарантира опстојување на компаниите и заштита на стандардот на граѓаните.
Со економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ и стратешките соработници ги анализиравме мерките кои ги предложи СДСМ и Зоран Заев, и можам да кажам дека сме вистински загрижени дека и нема вистински план, а државата и стандардот на граѓаните е пред нова опасност за колапс.
Дополнително загрижувачки е што народниот буџет, значи располагањето на народните пари се крои во партиски штаб, и се одлучува за нашите, вашите пари, а потоа и се наложува на владата што да прави. Без притоа да се слушнат аргументите на економскиот тим, експертите, професорите, искусните економисти кои се ставени во функција да бидат декор на уште еден пи-ар настан на Зоран Заев.
На почеток морам да кажам дека голем дел од мерките се задоцнети, недоволни, и нема да бидат она нешто што му треба на стопанството. Три години не убедуваа дека блескаме, три години не убедуваат дека буџетот е во добра кондиција, а касата за која велеа дека е полна не издржа ниту три недели.
Се случува крах на системот затоа што е на стаклени нозе, а економските политики доживуваат неуспех. Се потврдува она што го говорев дека системот е трул, а тоа не може да се замачка со прес конференции и гол пи-ар. Преку оваа криза имаме соочување со грдата реалност. Поминавме турбулентни 29 години на предизвици, кризи, најболната приватизација и транзиција на Балканот, воен конфликт во 2001та година, Светска економска и европска должничка криза, но никогаш не се посегна по она што СДСМ и Зоран Заев сега го прави а тоа е платите на работниците. Ова значи дека никогаш и не било полошо овие 29 години.
Ќе бидам отворен како и секогаш, Заев со овој план се обидува неспособноста на владата да ја плати со трудот на работниците на кои ќе им крати драстично плата. Одеднаш недостижните 500 евра просек плата се сведоа на 230 евра. И кога би било во други околности ова сигурно би се нарекло грабеж.
Мерката за драстично кратење на платите преставува сериозен, повторувам сериозен удар за стандардот на вработените. И ова кратење требаше првенствено да започне од министрите, замениците министри, директорите, градоначалниците, именуваните функционери, а не во ист кош да се ставаат кога треба да има кратење на платите функционерите и работниците.
Вработените во администрацијата ги немаат привилегиите на функционерите на власта, ама сега со предлогот на Заев ќе ја имаат истата плата од 14.500 денари. Голем дел од овие луѓе имаат кредити, и не може да зависат од милоста на банките и несериозноста на Заев. Ништо не сме постигнале ако се скратат нивните плати, а се надеваме банките да ги замрзнат ратите. Практично се руши нивниот стандард и нема да излеземе од криза ако ги казниме работниците.
Бараме Заев итно да се повлече од предлогот за кратење на платите работниците во администрацијата, и да не удира по стандардот на граѓаните. Така нема да се реши кризата, туку ќе се продлабочи.
Воедно ќе посочам дека и останатите мерки на Заев наменети за бизнисот се аматерски и недоволно добро обмислени, и нема да го дадат посакуваниот ефект. Тоа е далеку од вистинските потреби на стопанството.
Затоа, десет дена апелираме и молиме до владата, без маневри и политички гимнастики да излезеи да ги прифати следните мерки за подршка на бизнисот:
Дополнително се работи за мерка која е и економски неоправдана. Со вакво драстично кратење на платите на работниците, се прави шок и ќе се намали потрошувачката во економијата и тоа по принципот на домино ефект ќе се одрази во сите останати гранки. Значи ќе се влијае негативно и во здравото ткиво во економијата. Потребни се нови пари да се вбризгуваат во економијата за да се задржи потрошувачката, бидејќи само тоа ќе ги одржи компаниите. На крајот зошто се задолжува државата од над половина милијарда евра ако стопанството и ако државата ги кратат платите на работниците.
Државата да покрие до 50% од бруто трошоците за вработените, по основ на нето плати и придонеси, а не само нето плати како што предлага СДСМ. Впрочем и таа помош за половина нето плата која ја предлагаат и не е половина бидејќи таа е ограничена на 14.500 денари.
Бараме целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите.
Бараме веднаш Владата да се откаже од непродуктивните трошоци од буџетот и безусловна интензивна реализација на капиталните инвестиции. Робусна и стопроцентна реализација на капиталните инвестиции.
Бараме владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето на патарина и царински давачки покрај тоа што се огромни трошоците на транспортните компании, а приходот е речиси еднаков на нула патарините претставуваат сериозно место каде што може да настане ширење на оваа пандемија.
Бараме одлука за укинување на сите давачки царински и даночни за набавка на здравствени маски, препарати и уреди потребни за справување со корона вирусот.
Ја поддржуваме одлуката на владата аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но истото ова треба да се примени и за ДДВ за месец март кој се плаќа до крајот на месец април за дејностите погодени од кризата.
Повторуваме, веднаш да се напушти идејата за урамниловка на примањата во администрацијата на тој начин не само што нема да имаме позитивен ефект во бизнисот и буџетот, туку и тоа што функционира ќе го уништиме. Наместо урамниловка, бараме паралелно со замрзнување на обврските на граѓаните кон банките да се разгледа можноста за намалување на примањата на вработените во администрацијата и јавните претпријатија за месец март највеќе до 10%. Состојбата понатаму ќе се анализира месец за месец, но никако примена на понижувачкиот принцип на урамниловка кој го промовираше СДСМ и Зоран Заев.
Бараме веднаш непродуктивните трошоци за времени вработувања, наменети за партиските војници на СДСМ да се прекинат. Во минатото овие лица беа ангажирани со изговор зголемен обем на работа, а поради актуелната состојба не може да стане збор за зголемен обем на работа.
Бараме веднаш Владата да донесе уредба со сила на закон за поништување на одлуката со која се купува удел во АД ГА-МА Скопје и средствата кои се на сметката на НЕР АД Скопје во висина од 32.000.000 € да се пренаменат и искористат за санација на штетите од пандемијата.
И дозволете да соопштам план како владата може да стигне до една милијарда евра свежи пари за да граѓаните и бизнисот не ја почувствуваат кризата. Покрај тие 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и Странските банки, дополнително може да се обезбедат околу 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде министерството за финансии, имено пасивниот капитал да се претвори во актива.
Тековно, банките на сметки во НБРМ имаат огромна ликвидност и дополнително од тоа, имаат 25 милијарди денари во благајнички записи (тоа е околу 420 милиони евра). Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната Банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем, но и кога има вишок на ликвидност во вкупната економија, за да не се креираат притисоци врз инфлацијата. Банките секој месец ги запишуваат во Народната Банка и ова се на еден начин замрзнати или пари како што велат економистите надвор од економијата.
Во услови кога општата ликвидност на економијата е загрозена (парите не циркулираат во економијата), овие средства во едномесечни хартии од вредност од централната банка треба да се пренасочат во државни хартии од вредност кој што ќе ги издаде државата преку министерството за финансии и затоа бараме веднаш аукција на државата за собирање на оваа ликвидност која што се цени околу 420 милиони евра.
Кога овие средства ќе ги додадеме на оние веќе 600 милиони евра коишто планираме да ги позајмиме доаѓаме до бројката од 1 милијарда, бројка која што е доволна за да граѓаните и стопанството првиот бран од кризата не го почувствуваат негативно.
Овие средства од 420 милиони евра да се стават на располагање како фонд на Македонска банка за поддршка и развој за директна поддршка на приватниот сектор, особено на микро, малите и средни претпријатија за да ја надминат својата неликвидност. Ова се значајни средства – 420 милиони евра кои ќе имаат влијание врз ликвидноста во економијата – ќе се вратат во буџетот како приливи од даноци, ќе се вратат во банкарски систем преку отплата на кредити и рати од страна на приватниот сектор итн.
Почитувани,
Веќе часовникот не е 5 до 12. Туку 12 и 5. Секој изгубен ден значи загубено работно место и нарушен стандард. Ова веќе не е само здравствена туку и сериозна економска криза. Апелирам на брзо делување и наместо трка по политички поени, трка по работа и делување на дело. Државата оди по работ. Мора одговорно и одлучно делување. Ова не смее да се претвори во криза во која главната цена ќе ја платат работниците, туку во битка каде ќе го заштитиме стандардот, а државата ќе донесе правилни и вистински одлуки. Апелирам на разум, апелирам на вистински одлуки, затоа што секој живот вреди, и затоа што ја сакам Македонија и сосема на крај купувајте македонски производи.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ