Мицотакис: Исходот од Самитот не е добар ни за Балканот, ни за Грција


Резултатот беше таков што не ни дозволи да донесеме одлука и ова не е добро ни за Балканот ни за Грција, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на прес-конференцијата во Брисел за резултатите од Самитот на ЕУ, говорејќи за проширувањето на Унијата, односно како што рече за прашањето „за кое за жал не успеавме да се договориме“, jави дописничката на МИА од Атина.

-Не беше изводливо да се постигне едногласност. Три земји не се согласија, па така, резултатот не беше таков да ни дозволи да донесеме одлука. Сметам дека ова не е добро. И сметам дека не е добро и за општата стабилност на Балканот, бидејќи треба да се задржи отворена европската перспектива на Западен Балкан за да може да постои поголема стабилност и економски просперитет во регионот. Сметам дека не е добро ни за Грција, бидејќи главното оружје што Грција го има во свои раце за да се справи со прашањата што ги има со двете земји се однесува на европската перспектива, рече Мицотакис.

Појасни дека колку двете земји се поблиску до европскиот пат, толку повеќе ѝ се дава можност на Грција во рамките на процесот на преговори со Унијата да се справи со проблемите што ги има на билатерално ниво.

Мицотакис истакна дека Грција ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан и „има поставено конкретни услови во процесот“, објасни дека на состанокот ги пренел позициите на грчката влада за Договорот од Преспа, зошто сметаат дека е лош договор, но и повтори дека од моментот кога е ратификуван, тие се обврзани да го спроведуваат.

На новинарско прашање дали во Брисел стапил во контакт со премиерот на Северна Македонија, Мицотакис одговори негативно и објасни што точно му кажал на Заев за време на нивната средба во Њујорк.

-Не стапив во контакт со господинот Заев додека беше овде. На самитот го кажав она што го му го кажав и на самиот господин Заев кога се сретнавме во Њујорк и јасно му реков дека „за мене Договорот од Преспа има проблеми. Тоа е проблематичен договор, но морам да го почитувам и нема Договорот од Преспа да го поставам како пречка за вашиот европски пат, доволно е апсолутно да сум убеден дека си во согласност со овој договор и секако дека покажуваш добро расположение да ги решиш и нерешените прашања што произлегуваат од договорот, како што е основното нерешено прашање што се однесува на трговските ознаки“. Ова ќе му го кажам и кога повторно ќе разговарам со него, рече Мицотакис.

Во однос на внатрешно-политичките случувања кај нас, грчкиот премиер одби да даде било каков коментар.

-Не би сакал да направам дополнителна проценка за тоа што може да се случи во Северна Македонија. Тоа е прашање кое што е внатрешно, кое што се однесува на соседната земја, одговори Мицотакис.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1