Додека Србија го заборава еден од најголемите свои умови, Македонците се’ повеќе го „усвојуваат“
На Михајло Пупин Идворски во последно време се’ почесто му се припишува уште еден роден крај – селото Вевчани во југозападниот дел на Македонија. И додека Србија е прилично незаинтересирана за еден од најголемите умови кои некогаш ги имала, македонските историчари, но и официјалните власти, со сите сили се обидуваат да докажат дека Пупин барем колку е „наш“ толку е и „нивен“, пишуваат „Новости“.
Македонските истражувачи тврдат дека дедото на Пупин, Арсение од Вевчани, тогашна Стара Србија, се преселил во Банат, некогашна Австроунгарија, каде се родил таткото на Пупин. Во Вевчани врз темелите на наводно стара куќа на Пупинови изградиле нова, како спомен-обележје, за чие што уредување добија и значајни средства од европските фондови. Во куќата денес е преноќиште, кафеана и соба посветена на српскиот великан.
Градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски тврди дека наскоро би требало да се побратимат со Идвор и тоа со подигнување на идентична биста, која ќе биде подарок од Српската академија на науките и уметностите. Тоа им го ветил претседателот на САНУ академикот Никола Хајдин, при приватна посета на Вевчани минатата година.
„Уредениот спомен – дом на Пупинови овде е отворен во 2008 година во семејната куќа на предците на славниот научник, изградена кон средината на 19. век. Тука е и музејската поставка посветена на Михајло Пупин, уредена благодарение на поддршката од Идвор“, вели Угриноски.
Од друга страна во САНУ не постои никаков документ за донирање на биста на Вевчани, ниту пак тоа прашање се нашло на дневен ред на кој било официјален состанок во Академијата. Претседателот на одделението за технички науки во САНУ и огранизатор на изложбата посветена на Михајло Пупин, академикот Зоран Петровиќ, потврдува за „Новости“ дека никогаш ништо не чул за бистата.
Спорно е и побратимувањето со Идвор, бидејќи во ова банатско место за тоа никој не слушнал. Изненаден е и Душко Белиќ, кој е претседател на месната заедница на Идвор уште од 2005 година: „Со мене никој не разговарал за побратимување. А и тоа што го зборуваат дека спомен куќата ја направиле со помош од Идвор не е точно. Доаѓаа овде и ние им дадовме само фотографии, кои би можеле да ги најдат каде било, дури и да ги симнат од интернет. Неубаво е и нечесно е да се присвојува потеклото на Пупин. Па тој самиот на името си го додал Идворски, бидејќи толку бил горд на својот роден крај. Мајка му е од Опов, татко му од Идвор и не знам дали нешто што можеби е родно место на неговиот прадедо може да се нарече негов роден крај. Изгледа дека некој во тоа пронашол интерес и дека поради тоа го присвојуваат српскиот научник. Никој никогаш не покажал ниту еден официјален документ, црковна книга или што било друго со кое би ја докажал врската на Михајло Пупин со ова село во Македонија“.
Тоа што таму живеат семејства Пупиновски не значи ништо, посочува нашиот соговорник и додава дека Пупин има и во околината на Врање. Истото го тврди и д-р Драгољуб Чучиќ, доктор по историја и директор на Центарот за таленти во Панчево. Тој беше и организатор на трибината за потеклото на Пупин.
„Пупин е деклариран Србин и не знам зошто сега се бара негово поинакво потекло, зошто се прекрстува во цинцар, Македонец или нешто трето“, прашува Чучиќ. „Во книгата ’Населени места на српски земји‘ која во 1903 година ја објави Српската кралска академија се зборува за постоење на семејство Пупин во околината на Врање. Така што некој би можел да тврди дека нашиот научник е од тие краишта. Нема цврсти докази од каде е токму неговото семејство, така што и тоа што Вевчани го присвојува не е во ред“.
А дека не постои ниту еден документ кој би потврдил дека овој гениј по потекло е од југозападна денешна Македонија за „Новости“ потврдува и Александра Нинковиќ Ташиќ, потпретседателка на друштвото „Михајло Пупин“, авторка на изложбата за него. Таа е сопственичка на најбогатата архива за овој научник во светот и вели дека никаде ниту со буква не се споменува потеклото од денешна Македонија.
„Никој се’ уште не го покажал документот на кој се повикуваат во Македонија“, вели Александра Нинковиќ Ташиќ. „Пупин се определил како Србин и на името му го додал Идворски, за секаде да нагласува од каде е. Создавање на нов роден крај на Пупин е голем проблем и неговото име се злоупотребува. Тие тоа го употребија како туристичка атракција, а на екскурзиите кои доаѓаат им раскажуваат дури и дека неговите родители биле таму родени. Се повикуваат на тоа што Пупин купил црковно ѕвоно за црквата во Охрид. Тој бил голем верник и ја помагал не само црквата, туку и воените сирачиња, гладните, сиромашните, и на територијата на денешна Словенија и Босна и Херцеговина, па тие не го присвојуваат. Тоа што испратил ѕвоно токму во Охрид било и под влијание на владиката Николај Велимировиќ, епископ охридски и жички, со кој бил близок пријател“.
Србија претерано не се залага да ја исправи неправдата и занемарувањето на својот гениј и да му организира достојна изложба барем во 2014 година кога се одбележуваат 160 години од неговото раѓање, што и Унеско го стави на листата на важни годишнини. Одржувањето на изложбата која би требала да биде приредена во САНУ се’ уште е неизвесна, а нејзините автори Александра Нинковиќ Ташиќ и академик Зоран Петровиќ и понатаму ги обиколуваат праговите на институциите, во надеж дека ќе ги соберат потребните средства.
„Изгледа дека како држава се откажавме од Пупин“, вели академик Петровиќ. „Пет пати им пишував на Министерствата за образование и култура, но ниту еден одговор не добив. Се’ уште не знаеме дали ќе добиеме средства за изложбата која би требала да го осветли неговото дело во целост. Намерата е, покрај научната работа, да бидат претставени и неговите оставнини, добри дела, колку им помагал на црквата, сиромашните, купувал слики за Народниот музеј… Тој беше еден од основачите на НАСА, го пронашол рендгенот онаков каков што денес го користиме…“.
За тоа би било потребно, објаснува нашиот соговорник, добар дел од изложбата да се дигитализира, за подоцна да остане во неговата родна куќа во Идвор, како постојана поставка.
Вечерње новости