Дваесет и петгодишниот Питер Гејлинг дошол со Црвениот крст на Германија за да помогне во расчистувањето на градот од земјотресот. Но, се сменило кога ја запознал Милена Арсовска. Тој деновиве е во Скопје и по 50 години се уште ја бара својата пријателка пишува Вечер
Тазе оженет Питер Гејлинг ја оставил сопругата во Германија за да дојде со Црвениот крст на ова земја и да помогне во обновата на градот. Но, престојот во Скопје засекогаш ќе го измени неговиот живот. Бил ангажиран во одделот за вода и санитет, но помагал и при трансфер на болните. Не ни сонувал дека денеска на 75-годишна возраст се уште ќе ја бара својата пријателка која ја запознал тогаш додека помагал во расчистувањето на градот.
Милена Арсовска одлично знаела германски и била преведувач на Црвениот крст од Германија, но како што раскажува Питер, таа најмногу сакала да се дружи со него.
– Милена беше една млада девојка која беше многу љубопитна и сакаше се да знае. Дојде кај нас и бидејќи ни требаше еден преведувач, а таа го знаеше германскиот јазик, остана кај нас. Јас бев задолжен и да транспортирам болни луѓе во болница со нашето болничко возило, а при транспортот ни беше потребен и преведувач. Милена сакаше само со мене да се вози, затоа што другите кои возеле со војничкото возило биле многу темпераментни и луди, па се плашела да оди со нив. Ама контактите со неа ги изгубивме. По некое време добив разгледница и последните информации што ги дознав за неа беа дека отишла во Хамбург, но ние не успеавме да дознаеме каде е сместена и каде се наоѓа во Германија. Се обидовме во контакт да стапиме и преку германските партнерствата на Град Скопје да дознаеме каде живее тука во Македонија, но добивме негативен одговор, раскажува Питер.
Германскиот хуманитарец се сеќава дека Милена, која тогаш се презивала Арсовска, живеела на Партизанска број 3. Единствено што знае за нејзините блиски е дека таткото на Милена тогаш работел во Град Скопје.
Редакција Вечер се обиде да ја најде пријателката на Питер, но и покрај напорите засега не може да се лоцира. Тогаш имала околу 20 години, а денеска би имала околу 70 години. Доколку сака и ако е во можност таа или нејзините најблиски, можат да контактираат со редакцијата Вечер, бидејќи Питер има нешто да и каже.
Инаку, Питер и уште три члена на германскиот Црвен крст, Армин Белер, Конрад Метц и Лоте Мјулер денеска ќе добијат благодарници од Град Скопје за пожртвуваноста за време на земјотресот.
Повеќе на – Вечер