Пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Рафиз Алити од ДУИ се двајцата нови потпретседатели на Собранието, а третото потпретседателско место, кое е резервирано за опозицијата. останува празно. бидејќи СДСМ ја бојкотира работата на законодавниот дом.
Милошоски и во минатиот парламентарен состав беше пратеник, а претходно пет години ја вршеше функцијата министер за надворешни работи. Тој на последните парламентарни избори беше носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица.
Алити на потпретседателската функција во Собранието доаѓа од директорската позиција на „Македонски пошти“. Kарактеристично е тоа што Алити вторпат е избран за потпретседател на Собранието. Тој на оваа функција беше од 2008 до 2011 година.
Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ повтори дека оставеното празно потпретседателско место за опозицијата говори оти Собранието води сметка за екипирањето на телата и за застапеноста на сите политички партии во нив.
Пратеникот Амди Бајрам предложи третиот потпретседател да биде од ДПА или пратеничката Роза Топузова-Kаревска.