Пратеникот Антонио Милошоски од редовите на ВМРО ДПМНЕ пишува дека разговорот на премиерот Зоран Заев со лажните дипломати е сериозен дипломатски скандал.
Заев не само што ТРИ ПАТИ е насамарен од пренк-комичари од Русија, а можеби и агенти (тел.разг август 2018, јан 2019 и април 2019), туку како премиер ги има нарушено дипломатските протоколи за меѓудржавна комуникација, а со тоа ја има нарушено тајноста на државните строго доверливи информации на Македонија, го има нарушено угледот на државата, а згора на тоа ја подрива и довербата на трети држави кон Македонија (САД, Германија, Грција, Русија) со тоа што открива доверливи разговори и нивни позиции кон чувствителни регионални и меѓународни прашања, пишува Милошоски.
Заев морал да знае дека разговор меѓу двајца државници се договара официјално преку амбасадорите на/во двете земји, се потврдува преку дипломатските советници во двата кабинети, а потоа се архивира/ споделува со министерот за надворешни работи. Доколку ова не го знаел Заев како премиер, тогаш пред да си даде оставка, нека ги разреши и Никола Димитров (МНР), и Дане Талески (советник за надворешни работи), кои биле должни да го запознаат со тие дипломатски правила, вели Милошоски.
Ова што се случило со Заев и „лажниот Порошенко“ е сериозен дипломатски скандал во низа, со многу штетни последици за репутацијата на македонските дипломати, и со реална мерлива штета за угледот на Македонија!, напиша Милошоски на социјалните мрежи.