Министерот Тодоров: Извор на листерија е еден


Не беше дозволиво што различни институции во една вака сложена ситуација полемизираа меѓусебно и на тој начин се создаде забуна во јавноста за тоа дали е детектирана листеријата. Да не се шпекулира повеќе за тоа дали е детектиран изворот, дали е во исправна насока водена целата насока, дали некоја лабораторија била референтна. Сите лаборатории во кои се испраќаат примероците се акредитирани за детекција на бактеријата. Врз основа на испитувањата станува збор за еден извор на листерија.

todorovОва денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров кој го водеше состанокот на Комисијата за заразни болести. Тој посочи дека сите заболени од листерија консумирале сувомеснати производи од една компанија. Истакна оти знаеле дека ќе бидат негативни мострите особено поради фактот што инспекторите кои биле во производствените капацитети на компанијата, информирале дека „просториите и машините буквално биле потопени со средство за дезинфекција“.

– Нормално е дека ќе бидат негативни мострите бидејќи се направени 15-20 дена откако е детектирана листеријата и откако се преземени сите мерки за дезинфекција или хигиенски мерки кои се неопходни за чистење на машините и просторот. Што значи дека беше многу очигледно дека ќе бидат негативни резултатите. Од типизацијата која беше направена беше покажано дека станува збор за идентичен извор на листерија на сите заболени, рече Тодоров.

Потенцира дека се прави генотипизација и на производите кои ги консумирала 16-годишната девојка од Неготино, но се прави и генотипизација на сувомеснат производ земен од една жена која побарала продукт од истата компанија кој го консумирала да биде испитан заради нејзиното здравје и здравјето на нејзиното дете.

listeria– Очекувам дека во понеделник финално ќе бидеме известени од Ветеринарниот факултет и за таа генотипизација. Очекувам дека Основното јавно обвинителство ќе ги цени доказите кои сме ги доставиле, ќе обезбеди и други докази во постапката која ја води и ќе излезе со соодветна процедура, посочи Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека се барала листерија во повеќе производи, меѓу кои најголем фокус бил ставен на месната и на млечната индустрија и производи од млечната индустрија врз основа на протоколите кои ги имаат.

– Имавме заболени во повеќе градови во Македонија во исто време што асоцира на тоа дека станува збор за еден производ кој е дистрибуиран на целата територија на држава, што е потешко во случај на земјоделски производи, појасни Тодоров.

На состанокот на Комисијата станало збор и за состојбата со ебола во светот.

Тодоров рече дека се обезбедени скафандери за еднократна и за повеќекратна употреба кои се дадени на тимовите кои може да бидат во прв контакт со евентуално заболени од ебола односно оние кои се на најистурените позиции, на детекторот на аеродромот „Александар Велики“ за топлина или на оние кои веднаш одат на определен повик кога има суспекција за вакво заболување или кога има некој кој е дојден од земјите каде има епидемија.

ebola345– Имаме заклучок да набавиме дополнителни скафандери за еднократно и за повеќекратна употреба кои ќе бидат ставени на располагање на целиот медицински персонал, сакаме да бидеме спремни за каква било ситуација. Од претседателот на Комисијата бевме информирани дека од 13 до 15 проценти од вкупниот број заболени од ебола се здравствени работници кои се грижеле за заболените. Процедурата за набавка на дополнителните скафандери ќе биде распишана во понеделник, истакна Тодоров.

Во однос на еболата, посочи министерот, од САД е преземен протокол за лекување на лицата со ебола кој е веќе прилагоден на нашите услови кој ќе се применува при евентуален случај на заболен од ебола во Македонија.

– Се договоривме да се направи комплетно прилагодување на меѓународниот здравствен правилник и на цела клиничка патека од момент на прва суспекција до момент на носење на лицето на Клиниката за инфективни болести каде е обезбедена соба за изолација и соба со негативен притисок и има заштитна опрема, нагласи Тодоров.

Информира дека на состанокот на Комисијата за заразни болести станало збор и за топлотниот бран кој ја зафати Македонија. Тој додаде дека функционираат пунктовите за превентивни прегледи и досега 10.000 лица биле прегледани, побарале одреден совет или здравствена заштита.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1