Во затворската ќелија на њујоршкиот најозлогласен затвор на островот Рајкер, се наоѓа еден затвореник кој е различен од другите.
Имено, за разлика од сите останати затвореници, неговото име не го знае никој, па дури ни персоналот на затворот.
“Постојат толку различни информации за мене, никој не може со сигурност да каже кој сум”, рекол мажот на возраст од околу 40 години.
Се претставува како Џереми Вилсон и вели дека има 42 години. Меѓутоа, исто така тврди дека се вика и Џереми Кинан и дека е член на ИРА, ирската републиканска армија, или Џеремаја Асимов Бекингем, ранет ветеран од авганистанската војна.
И тоа не е крајот. Доколку се сеќавате на филмот “Catch me if you can” со Леонардо ДиКаприо во улогата на врвниот измамник кој константно ги менува идентитетите, ќе се потсетите на животот на овој мистериозен маж. Се претставувал и како професор на престижен универзитет и еден од шефовите на “Microsoft”. Еднаш дури и зборувал со ирски акцент додека служел затворска казна во Индијана.
Инспекторите не знаат точно кој е тој, но во едно се сигурни – тој е професионален измамник и вешт фалсификатор.
Неговото минато не враќа во Индијана каде завршил средно училиште и набрзо почнал да краде идентитети. Уште како тинејџер бил уапсен поради кражба на самострел и автомобил. Документите на жртвата биле во автомобилот, заедно со кредитната картичка. Тој украл сè. И неговото семејство почнало да не му верува бидејќи ги крадел и нивните идентитети. Кражбата на картички и пасоши станало негово секојдневие.
Сепак, еден ден влегол во полициската станица во Њујорк за да го земе своето “BMW”. Носел маичка со натпис “Harvard”, а околу врат носел американска воена плочка. Полицијата го запленила автомобилот за да го намами, бидејќи верувала дека сопственикот на истиот фалсификувал чекови. Кога се појавил, набрзо откриле дека неговата мрежа на лаги се протега во неколку земји и дека со неа се опфатени голем број поединци.
Вилсон и претходно бил во затвор. За кражба на кредитни картички со кои платил хотелска соба и танц од стриптизерка во еден клуб, бил осуден во 2001. година на 8 години затвор. Отслужил пет, по што побегнал. Повторно бил уапсен во 2007. година, ослободен една година подоцна, а потоа во истата 2008. повторно уапсен.
Неговите цимери во затвор рекле дека повторно глумел друга личност. Јураја Гоинс, кој делел со Вилсон мала ќелија во Индијана, рекол Вилсон е опседнат со посмртници и дека глумел различни личности.
“Тој е како актер. Не, тој дефинитивно е актер”, рекол Гоинс.
Вилсон на новинарите им кажал дека не чувствува грижа на совест поради крадењето на пари од кредитни картички, но дека му било жал за луѓето кои ги предал. Вели дека имал многу добра причина за лажење – вистината е полоша од лагата.
“Луѓето се склони на тоа не само да им веруваат на другите, туку и сакаат да им веруваат на другите. А тоа е дел од лошите работи кои сум им ги направил на другите, затоа што им го одземав токму тоа. Во тоа се крие злото на сè што сум направил. Станувам близок со луѓе кои не го заслужуваат предавството кое ги чека”, објаснил тој.
“Уморен сум од тоа што го лажам секое можно лице кое ќе го сретнам, за тоа кој сум и што работам. Бидејќи вистината е многу полоша од лагите. Работите кои ги правев се многу полоши од работите кои им ги кажував”, додал тој.
Извесен господин Кларк, кој бил измамен од Вилсон, изјавил дека му симнува капа на овој измамник.
“На некој начин, мора да има почитување за него. Тој е вистински злосторник. Едноставно има талент за тоа”, рекол Кларк.
Вилсон моментално чека судење кое ќе биде одржано за неколку седмици, каде уште еднаш ќе мора да ја раскаже својата приказна. Кој знае каква приказна ќе одбере овој пат.
Tocka.com.mk