Вчера околу 19 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека истиот ден околу 18 часот на локалниот пат село Делогожда-село Поум, на место викано „Кодра бум“ У.В.(22), управувајќи патничко возило „Голф“ со струшки регистарски ознаки, бил пресретнат од патничко возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Б.(46) од село Поум, во кое бил и неговиот син З.Б.(23), соопшти МВР.
Според пријавеното, В.Б. и З.Б. излегле од возилото и со секири тргнале кон У.В. со кого од порано имале нерасчистени односи.
У.В. испукал повеќе куршуми и ги погодил З.Б.и В.Б., по што заминал од местото и се пријавил во Полициската станица Струга.
Од случајни минувачи повредените биле пренесени во Медицински центар Струга, каде кај З.Б. била констатирана смрт, додека В.Б. бил задржан на лекување.
По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција. Се преземат мерки за расчистување на случајот.